--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Се отвори ЕКСПО 2025 во Осака: Доколку одите овие павилјони не смеете да ги пропуштите

Се отвори ЕКСПО 2025 во Осака: Доколку одите овие павилјони не смеете да ги пропуштите

Сместен на вештачкиот остров Јумешима, се очекува Експо 2025 дека ќе привлече милиони посетители, со фокус на иновациите, одржливоста и меѓукултурната размена.

Светската изложба која се отвори вчера и ќе трае се до 13. октомври 2025 година се одвива во кружна структура проектирана од јапонскиот архитект Соу Фуџимото. Со дијаметар од 1,5 километар, пловечкиот покрив на „Големиот прстен“ги поврзува националните и тематските павилјони, симболизирајќи ги на тој начин единството и соработката, а во исто време на овој начин е овозможено формирање на засенчени патеки и простори за настани.

Додека возбудата го достигна врвот, откриени се бројни павилјони, секој од нив ги одразува идентитетот и вредностите на својата нација преку уникатен архитектонски јазик. Во продолжение ви претставуваме девет национални павилјони кои не смеете да ги пропуштите доколку одите во Осака.

Павилјонот на Кина

Кина се фокусира на градење на животната заедница за човекот и природата – идно општество за зелен развој.

Кинескиот павилјон ја претставува кинеската филозофија за почитување на природата, нејзиниот начин на живеење во хармонија со природата. Неговото надворешно обликување е инспирирано од бамбусовите ливчиња, обликувани како расклопен кинески традиционален свиток за калиграфија.

Павилјонот на Јапонија

Проектиран од Бирото Nikken Sekkei, павилјонот ја носи темата „Циклуси на животот“, која симболично е претставена преку кружна форма направена од домашно јапонско дрво.

Проектот вклучува традиционални јапонски техники на споеви и повеќеслојна дрвена фасада која ја филтрира светлината и воздухот.

Посетителите имаат можност да се движат низ спирална секвенца од простори што ги одразуваат природните циклуси и ритам, со цел да предизвикаат сетилна врска со јапонското културно и еколошко наследство.

Павилјонот на Франција

Францускиот павилјон, кој е дело на бироата Coldefy и Carlo Ratti Associati, носи наслов „Сцена на природата“. Проектот комбинира природни и вештачки станишта за да ја илустрира врската помеѓу човечкиот и нечовечкиот свет.

Посетителите поминуваат низ три „чина“, тука се Искачување, Откривање на природата и Враќање на земјата. Спиралните скали водат до тераса за набљудување и кровна градина со различни француски екосистеми.

Павилјонот промовира одржливост преку префабрикувани компоненти и природни елементи, истовремено поттикнувајќи повторна употреба и рециклирање.

Павилјонот на Италија

Студиото Mario Cucinella Architects од Болоња го проектирале павилјонот на Италија во слава на италијанската креативност и занаетчиство, комбинирајќи архитектура, уметност и одржлив дизајн.

Структурата има брановиден кров направен од рециклирани и био-композитни материјали. Павилјонот е замислен како „лабораторија за убавина“ која ја прикажува способноста на Италија да ги комбинира традицијата и иновациите.

Павилјонот на Чиле

Архитектонскиот колектив Constructo го проектирал чилеанскиот павилјон како модуларна, лесна дрвена конструкција која го симболизира номадскиот живот и приспособливоста.

Проектиран со идејата дека може да се расклопи и повторно да се користи, павилјонот ја одразува географската разновидност и културната флексибилност на Чиле.

Акцентот на проектот на павилјонот е на принципите на циркуларна економија, со низок јаглероден отпечаток, објаснија архитектите од Сантијаго.

Павилјонот на Бахреин

Бахреинскиот павилјон, проектиран од студиото на архитектката Лина Готмех, е инспириран од традиционалните бахреински чамци наречени dhows. За време на изградбата користени се историски техники применувани за изградба на бродови, со дрвена рамка и алуминиумска облога.

Овој проект го истакнува поморското наследство на Бахреин, додека истовремено спроведува одржливи пракси, и може лесно да се расклопи и рециклира по изложбата. Павилјонот, исто така, оддава почит на јапонската уметност на обработка на дрво, создавајќи културна врска помеѓу Бахреин и Јапонија.

Павилјонот на Чешка

Павилјонот на бирото Apropos Architects, има динамична форма која е инспирирана од движењето и духовноста. Структурата има флуиден облик, а во центарот е инсталацијата „Дрво на животот“.

Павилјонот на Чешката Република ја истакнува рамнотежата помеѓу технологијата и природата, поканувајќи ги посетителите да ги истражат чешките иновации, креативност и културните вредности преку извонредни простори.

Павилјонот на Катар

Бирото Kengo Kuma & Associates го проектирале катарскиот павилјон инспириран од пустински пејзажи и форми кои ги обликува ветерот. Проектот е реализиран со комбинирање на закривени, слоевити ѕидови направени од локални материјали и отворен двор.

Павилјонот ја комбинира традиционалната катарска архитектура со модерниот сензибилитет, создавајќи сетилно искуство кое ги поврзува посетителите со културното и природното наследство на Катар.

Павилјонот на Германија

Германскиот павилјон е проектиран од Laboratory for Visionary Architecture (LAVA) од Берлин и е наречен „Wa! Doitsu“, што значи „Вау! Германија“.

Фокусот е на принципите на циркуларната економија, со употреба на материјали кои можат повторно да се користат, како и на иновативни дизајни за зачувување на климата. Може да се каже дека павилјонот е прототип за одржлива архитектура на иднината, бидејќи неговата цел е да се постигне нула отпад и минимална потрошувачка на ресурси.

Испрати коментар

Scroll To Top