Вчера во Музејот на современата уметност (МСУ) се отвори архитектонската изложба„Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“.
Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим: Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос.
Изложбата во Скопје се случи по пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис, еден од многуте меѓународни експерти поканети од Обединетите нации кои го воделе процесот за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес.
Изложбата е збогатена со уметнички дела од вредната колекција на МСУ, подарени од грчки уметници. Целта е изложбата да помогне не само да се врати сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, туку и да придонесе за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 20 јануари, 2024 година.
фото: КИРО ПОПОВ