Во Охрид, во периодот од 25 јуни до 2 јули ќе се одржи петтата сесија на меѓународната Летна школа за архитектура во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Тема на овогодишната сесија е „Природни системи“ и ќе биде под раководство на архитектот од Словенија, Деан Лах, коосновач и партнер во реномираното архитектонско студио Енота од Љубљана, Словенија.
Гости на Летната школа ќе бидат и архитектите Крешимир Рогина и Винко Пенезиќ од Хрватска и Јуриј Личен од Словенија. Со студентите ќе работи и тимот од Факултетот за архитектура и дизајн.
Свечениот настан и отворањето ќе се одржи на 25 јуни (недела) со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид.
Во претходните сесии на Летната школа на Факултетот за архитектура и дизајн гости тутори беа архитектите Јошихару Цукамото, Момојо Каиџима (Atelier Bow-Wow) од Јапонија, Симон Хартман, Симон Фроменвилер и Тило Херлих (HHF Architects) од Швајцарија, Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина (Penezic & Rogina architects) од Хрватска.