Од 19 до 24 јануари оваа година во Минхен се одржа водечкиот светски саем за градежништво, архитектура и материјали во градежништвото – BAU 2015.
Целиот саем BAU 2015 во целост бил распродаден уште на почетокот на минатата година, а учествуваа повеќе од 2.000 изложувачи од повеќе од 40 земји во светот. Според информациите, саемот бил посетен од повеќе од 235.000 стручни посетители и експерти од струката. На изложбена површина од 180.000 м², саемот BAU 2015 презентираше решенија за развој на комерцијални и станбени единици во нови градби или во постоечки објекти. Саемот BAU на секои две години ги поврзува пазарните лидери од светот, кои ги донесуваат иновативните решенија за иднината на градењето.
Оваа година саемот беше фокусиран на неколку клучни теми. Така, трите водечки теми за овогодишниот саем беа „Енергетска ефикасност и ефикасно користење на ресурсите“, „Човек и згради“ и „Интелигентна урбанизација“. Инаку, темите однапред се договараат во согласност со индустријата, и во тој поглед на саемот му е многу битно да излезе во пресрет на градежната индустрија.
Водечките теми се обработувани и преку разни изложби и низа форуми, со што се поставуваат трендовите за наредните години.
Саемот BAU се организира секоја втора година и е еден од најважните саеми за градежништво во светот, бидејќи ги трасира трендовите за наредните години, и затоа секоја година се формираат листи на чекање за учество на него.
Како и секоја година, така и оваа на саемот BAU 2015 беа присутни и претставници од Македонија, односно од компанијата „АДИНГ“.
Горан Атанасовски