Денеска се одржа конференцијата за одржливо управување со отпад на регионално ниво во рамките на проектот финансиран од ЕУ: „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион”.
Според заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, активностите за спроведување на политиките за управување со отпадот во Република Македонија ќе придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во нашата држава.
– Тоа првенствено подразбира решавање на проблемите со еколошки несоодветното одложениот отпад на општинските и останатите „диви“ депонии, кои треба итно да се затворат или технички да се надградат за да се постигнат стандардите утврдени со закон. Ова секако бара практични и финансиски изводливи решенија на приоритетните проблеми – истакна заменик министерот Темелковски.
Целта на проектот е да се постигне интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители од 43 општини од горенаведените региони кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.
За време на проектот ќе бидат составени бројни студии и документи, како Регионални планови за управување со отпад, Стратешка оцена на животната средина, Физибилити студии, Анализи на трошоци, Оцена на влијанието врз животната средина, Основни проекти и помош при изработка на Тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни/диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпад во согласност со стандардите на ЕУ.
Главна цел на конференцијата е подигање на свеста за значењето на Интегрираните системи за управување со отпад и зголемување на видливоста на Проектот како и промовирање на политиките на ЕУ и проектите за отпад на МЖСПП.
На отварањето на конференцијата свое обраќање имаше и раководителот на Одделот за инфраструктура, земјоделство и социјални политики во Делегацијата на Европска Унија, Мауро Ди Вероли.