Годинава, во периодот од 2 до 5 октомври, во Охрид се одржа 18. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија – ДГКМ, на кој присуствуваа над 300 учесници од 18 земји од регионот и светот, со што беше реализирана една од најважните програмски цели на Друштвото, а тоа е афирмација на научните достигнувања и нивна имплементација во праксата.
Друштвото на Градежни конструктори на Македонија во своето 40-годишно постоење успешно реализира 18 симпозиуми чија главна цел беше да се обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежното конструкторство. Симпозиумите секогаш беа посветени на актуелни теми како: современи методи за проектирање и изведба на конструкции; современи стандарди и прописи за проектирање на конструкции; современи материјали и технологии како предуслов за изведба на одржливи објеки, влијание на природните катастрофи врз конструкциите и други теми поврзани со градежното конструкторство.
Годинава Симпозиумот беше посветен на следење, процена и санација на конструкциите. Причина што се одлучивме токму за оваа тема е нејзината актуелност од аспект на староста на нашата градежна инфрастуктура која во поголем дел веќе го надминува пропишаниот работен век. И покрај примената на соодветни постапки за проектирање и изведба, континуираното и истовремено безбедно и економично функционирање на градбите во голема мерка зависи од нивното соодветно одржување и управување.
Градежните конструкции со тек на време пропаѓаат. Влошувањето на нивната состојба, што може да доведе дури и до колапс, се должи на различни причини, како: циклични натоварувања, влијанија од животната средина (на пр. корозија на челикот, карбонизација на бетонот); стареење на градежните материјали; екстремни настани како што се земјотреси, силни ветрови, поплави и пожари и сл. Сите овие фактори се временски зависни и со одредена веројатност да се случат. Токму затоа неопходна е точна проценка на сегашната и идната состојба на конструкциите, односно дефинирање на сегашниот и идниот капацитет на конструкцијата за обезбедување на предвиденото ниво на однесување при очекувани оптоварувања и евентуални опасности во тек на целиот работен век.
Одговори на сите овие прашања градежните конструктори можеа да најдат во вкупно 173-те трудови презентирани во рамките на 18. Симпозиум на ДГКМ. Посебен белег врз успешноста на Симпозиумот дадоа повиканите предавачи од САД, Германија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија, кои во своите предавања дадоа осврт на современите методи и техники за следење, процена и санација на мостовски конструкции, објекти од високоградбата, објекти кои претставуваат културно наследство, како и преглед и можност за примена на современи материјали при рехабилитација, реконструкција и санација на градежните објекти.
Во рамките на Симпозиумот, Претседателството на ДГКМ додели признанија за посебни достигнувања во областа на проектирањето и изведбата на конструкциите за 2017 и 2018 год.
За изведбени конструкции за 2017 год. награден е тимот на Гранит – АД Скопје, за изведба на објект „Кров и фасади на објектот Македонска филхармонија“. Наградата е доделена на: Горан Тодороски, Никола Стојчевски и Андреа Серафимовски.
За проектирање на конструкции за 2018 год. награден е тимот од фирмата ВИРЕНДЕЛ ДОО Скопје, за основен проект за „Изложбено-продажен салон за автомобили Волво во Скопје“. Наградата е доделена на: Дамјан Денковски, Бобан Јосимовски и Димитар Лазаровски.
За изведбени конструкции за 2018 год. награден е тимот од фирмата СИНТЕК Инженеринг, за изведба на „Градежно-санациони работи на мост бр.1 на р. Вардар на пат Р1105, делница Давидово -Удово“. Наградата е доделена на: Елена Станкова, Бобан Христов, Цанко Панев и Татјана Манаилова-Стојановска.
Свеченото отворање на Симпозиумот беше збогатено и со прогласувањето на заслужните и почесните членови на ДГКМ. Ценејќи го придонесот на поединци во афирмацијата на Друштвото, Претседателството на ДГКМ оваа година називот Заслужен член на ДГКМ му го додели на Петар Цветановски, поранешен потпретседател на ДГКМ и на Александар Белев, поранешен член на Извршниот одбор на ДГКМ.
Имајќи го предвидениот придонес за поттикнување и зајакнување на меѓународната соработка и подигнувањето на меѓународниот углед на ДГКМ, Претседателството на Друштвото оваа година називот Почесен член на ДГКМ на истакнати градежни конструктори од странство, им го додели на Ѓорѓе Лаѓиновиќ, редовен професор на Факултетот за технички науки во Нови Сад и Милош Кнежевиќ, редовен професор на Градежниот факултет во Подгорица.
Автор: проф. Мери Цветковска, Градежен факултет Скопје