Светски познатиот уметник – муралист Векс Ван Хилик (Veks Van Hillik) деновиве изработува мурал на зградата над Билната аптека, во центарот на Скопје, соопштија денеска од Град Скопје.
Информираат дека Градот го поддржал проектот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје со 1.250.000 денари.
– Минатата година два мурала ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО (ZERO), а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија. До крајот на оваа, 2017 година, ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе прогресивни уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, се вели во соопштението од Град Скопје.
Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната. Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.
Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција. Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата ГрислТату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.
Koj e konceptot na ova?
Konceptot e da se buvnat 15.000 eura na stranski artist za nesto sto nema poenta. Poso nie nemame nie talentirani momci i devojki, a i motivot na muralot ne bi bil cool ko ovoj