Од оштетен нафтовод се излеаја 79.500 литри нафта во Тихиот Океан, формирајќи лента долга 6,4 километри долж централниот брег на Калифорнија, соопшти американската Крајбрежна стража.
Нафтоводот е паралелен со автопатот 101 во близина на Санта Барбара, а на површината на морето се направила нафтена дамка долга шест и пол километри, а широка педесетина метри, изјавила портпаролката на крајбрежната стража Андреа Андерсон.
Според неа, за цевките е одговорна компанијата „Плејнс ол американ“ која веќе почнала со чистење. Сѐ уште не е позната причината за пукање на цевката.
Директорот на канцеларијата за кризни состојби во округот Санта Барбара, Ричард Абрамс кажал дека во чистењето учествуваат и крајбрежната стража, општината и канцеларијата за риболов и диви животни.
„Сѐ уште немаме податоци за штетата, но нафтата е во водата, значи влијае на околината“, кажал Абрамс.
Компанијата објавила дека го сопрела течењето на нафтата, дека постапува според протоколот за кризни ситуации и изразиле жалење: „Плејнс длабоко жали поради истекувањето на нафтата и прави сѐ што може за да ја ограничи штетата врз околината“, се вели во соопштението.