Насловна / Архитектура / Сè има, само нема архитектура: Шумахер жестоко го искритикува Биеналето во Венеција

Сè има, само нема архитектура: Шумахер жестоко го искритикува Биеналето во Венеција

Недостатокот на архитектура на Биеналето на архитектура во Венеција 2023 значи дека тоа е во опасност да ја изгуби својата позиција на водечка светска архитектонска манифестација, изјави Патрик Шумахер, директор на Zaha Hadid Architects.

2

Патрик Шумахер, директор на Zaha Hadid Architects

Шумахер настанот го етикетираше како „антиархитектонско биенале“, каде националните павилјони „одбиваат да ја покажат работата на своите архитекти“, а сето тоа во неодамнешната објава на Фејсбук под наслов „Блуз на Венецијанското биенале“.

Конфузија и разочарување

„Биеналето на ‘ахитектура’ во Венеција носи погрешна ознака и треба да престане да го полага правото на зборот архитектура во неговиот наслов“, напиша тој. „Вакво име само создава конфузија и разочарување за настан кој не покажува никаква архитектура“.

1

„Претпоставувајќи дека Венеција не е само најважната ставка на нашата глобална архитектонска маршрута, туку и важна ставка на нашиот дискурс воопшто: она на што сме овде сведоци е дискурзивно самоуништување на дисциплината“, продолжи Шумахер.

Директорот на Zaha Hadid Architects ги критикуваше бројните европски национални павилјони, вклучувајќи го и Британскиот павилјон „Dancing Before the Moon“, кој доби посебно признание од организаторите на биеналето за национално учество.

Тој особено обрна внимание на Германскиот павилјон, кој го опиша како полн со „купишта градежни материјали“.

„Повеќето национални павилјони, вклучувајќи ги сите големи европски нации како Германија, Франција, Шпанија, Велика Британија, Белгија, Холандија, Норвешка/Шведска, Финска, но и Јапонија, Канада, Австралија и САД, одбиваат да ги прикажат делата на своите архитекти или било каква архитектура“.

3

Германски павилјон, Open for Maintenance – Wegen Umbau geöffnet

Без архитектура 99% од изложбениот простор

„Што ни кажува ова?“, праша Шумахер. „Дека во Германија, Франција итн., или каде било во западниот свет не постои вредна архитектура? Дали проектирањето и изградбата на згради се само повод за грижа на совест? Дали оваа грижа на совест го поттикна одбивањето (сега присутно повеќе од една деценија) да се прикаже каква било современа архитектура?“

fr

Француски павилјон, Ball Theater / La fête n’est pas finie

Шумахер продолжи поставувајќи прашање што очекуваат кустосите дека „пошироката јавност која не се сомнева во биеналето“ ќе понесе со себе од настанот, нагласувајќи притоа дека изложбата би требало да содржи повеќе прикази на згради.

„Дали мојата концепција за архитектурата како дисциплина е премногу тесна ако очекувам да видам архитектонски проекти на биенале за архитектура?“, праша архитектот.

„Не би рекол. Без оглед кои општествени, политички или морални прашања сакаме да решиме, начинот да ја покажеме нивната релевантност за архитектурата е преку проекти кои тврдат дека одговараат на овие прашања“, продолжува.

jap

Јапонски павилјон, Architecture, a place to be loved — when architecture is seen as a living creature

„Никаква приказна за ‘архитектурата како проширено поле’ не може да ме убеди дека сè уште сме на архитектонски настан, кога на сцената доминираат документарни филмови, критичка уметничка пракса и симболични инсталации, додека архитектонските дела ги нема никаде на 99 отсто од изложбениот простор“.

Сегашната позиција на Биеналето е загрозена

Според зборовите на архитектот, единствените места каде што била прикажана архитектурата биле во Кинескиот павилјон, каде што видел „импресивен збир проекти“ од повеќе бироа, вклучувајќи ги Neri&Hu и Standard Architecture, како и изложбите на Дејвид Аџаје, кои ги опиша како „фантастичен исклучок“.

Шумахер верува дека недостатокот на архитектура на манифестацијата значи дека позицијата на Архитектонското биенале во Венеција како најзначаен архитектонски настан во светот е загрозена.

ajae

Дејвид Аџаје, Голем уметнички и културен центар, Индија 

„Настанот сега постепено ја троши и ја намалува својата изградена репутација“, напиша Шумахер. „Го конзумира сопствениот општествен капитал. Ако манифестацијата продолжи да се разводнува, дури и активно ја избегнува или ја заменува својата мисија како архитектонски настан, станува ранлива на новите можни кандидати ако го испорачаат она што се очекува од тивкото мнозинство архитекти и претпоставувам од пошироката јавност“, продолжи архитектот.

Павилјон по павилјон лишен од архитектура

Во текот на претходните изданија на Биеналето на архитектура во Венеција, Шумахер ги критикуваше кустосите и содржините на националните павилјони.

Така, во 2018 година, рече дека „павилјон по павилјон биле лишени од архитектура“ и дека „архитектите мора да возвратат за да го повратат Венециското биенале од арогантни и самобендисани кустоси“.

Испрати коментар

Scroll To Top