Изградбата на новиот висечки мост на улицата Љубљанска во скопската општина Карпош е во тек.
“Овој мост значи спојување на градот, спојување и комуникација на луѓето, мост кој што е од многу важно значење за понатамошниот развој на градот зашто во оваа фаза од Илинденска се спојуваме на улицата Скупи, а во следната фаза продолжуваме до булеварот Словенија, за да можат граѓаните од Ѓорче Петров, од Волково и од Ново село да бидат блиску до останатиот дел од градот. Со овој мост карпошани ги поврзуваме со обиколницата, имајќи предвид каква инфраструктура гради Градот на потегот кај Момин поток. Овој мост немаше да го реализираме ако ја немавме несебичната помош и поддршка од Владата на Република Северна Македонија која со прераспределбата на средствата на ТАВ за изградба на карго аеродромот во Штип додели околу 380 милиони денари на Град Скопје за изведба на овој мост – прв висечки мост, архитектонско чудо кое што има претензија да стане ново обележје на нашиот град“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Тој најави дека изградбата на мостот ќе заврши за околу 18 месеци, на средината на 2023 година, кога ќе може да се користи овој мост.
Со изградбата на новиот мост преку реката Вардар ќе се поврзат улицата Љубљанска и булеварот Илинден со улицата Скупи во општината Карпош. Овој прв висечки мост во Скопје е предвидено да има четири коловозни ленти и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри, а должината на самиот мост изнесува 113 метри. Вредноста на овој договор изнесува 382,5 милиони денари со вклучен ДДВ.
По поврзувањето со улицата Скупи се создаваат услови да се почне и третата фаза која од улицата Скупи продолжува до булеварот Словенија. На тој начин се прави поврзување и со индустриската зона Визбегово и со патот за Косово.
Ова е финансиски пакет вреден 49,7 милиони евра, со кој преку соработка меѓу Владата, ТАВ и општините се реализираат вкупно 94 инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја и реконструкцијата на терминалите на аеродромите во Скопје и Охрид.