Насловна / Вести / Се гради нов „Мир“: Русија претстави план за лансирање нова вселенска станица

Се гради нов „Мир“: Русија претстави план за лансирање нова вселенска станица

Русија го претстави планот за изградба на нова вселенска станица и придружна инфраструктура на Земјата, а првите модули има намера да ги лансира за три години.

Раководството на руската вселенска агенција Роскосмос на оваа мисија и го даде работното име „Руска орбитална сервисна станица“ (РОСС), пренесува агенцијата Тасс.

Првиот модул, кој ќе биде истражувачки и енергетски центар на станицата, треба да биде лансиран во 2027 година, до 2030 година планот е да се поврзат преостанатите четири модули, додека до 2033 година ќе бидат испратени специјални модули за специфични мисии.

Роскосмос ќе ги испрати првите космонаути на станицата во 2028 година, а дотогаш таа ќе може да функционира и без екипаж.

РОСС би требало да биде на иста висина како и Меѓународната вселенска станица, односно околу 400 километри над Земјата, во орбита која е синхронизирана со Сонцето. Инаку, од тој агол се гледа голем дел од површината на планетата, но и „стратешки важната рута на Северното Море“.

Цената на огромниот проект ќе биде околу седум милијарди долари.

Дали ќе се испочитуваат роковите зависи од успехот на следната генерација на ракетата Ангара А5, која досега имаше три успешни пробни летови од 2014 година и еден делумно неуспешен во 2021 година.

Тоа треба да биде и првпат Русија да управува со ракета базирана на вештачка интелигенција.

„ВИ е технологија која брзо се развива. Ќе ја користиме нејзината поддршка, но суштински, ќе го користиме нашиот мозок“, најави Владимир Кожевников, главен конструктор на РОСС.

Уште еден член на тимот, Владимир Соловјов, ракетен инженер на компанијата „Енергија“, најави дека вселенската станица ќе биде и ориентир за флота сателити, прва од ваков вид, пишува Ѕрасе.

„Оваа флота ќе лета во близина на станицата. Исто така, тоа ќе подразбира нови задачи за контрола на мисијата, какви никој досега не правел“, рече Соловјев.

Русија е составен член на Меѓународната вселенска станица (МВС) од нејзиното лансирање, а во новата ќе бара партнерство со Бразил, Индија, Кина и Јужноафриканската Република (БРИКС).

Испрати коментар

Scroll To Top