Општина Центар, како што и најави, од денеска започна со расчистување на теренот каде што ќе почне изградбата на првото основно училиште во населбата Капиштец, соопштија од Општината.
Сите објекти, освен Дневниот центар за лица со церебрална парализа, ќе бидат отстранети за да се подготви местото за почеток на изградбата на најубавото, модерно основно училиште. За Дневниот центар, во соработка со Министеството за труд и социјална политика, се бара соодветна локација на која ќе биде адаптиран простор за потребите на 40-ина деца.
Таканаречената „Школа-парк“ ќе се простира на 10.600 м2, со планирана површина за градба на објектот од 3.142 м2. Училиштето ќе ги задоволи сите стандарди за современо образование, а ова, како приоритет го посочуваат и жителите на Центар на средбите со градоначалникот Андреј Жерновски, како и на сесиите за буџетот за 2016-та.