Насловна / Вести / Се чека Правилник за Скопје да добие доволно зеленило по жител

Се чека Правилник за Скопје да добие доволно зеленило по жител

Квалитетот на живот и здравјето на луѓето во градовите директно се поврзани со присутноста на урбаното зеленило. Ублажувањето на климатските промени и загадувањето на воздухот е директно поврзано со зазеленувањето. Светската здравствена организација препорачува при урбанистичкото планирање да се применат стандарди за зеленило по жител и тоа 50 квадратни метри како оптимум и девет квадратни метри како минимум. До 2020 година се проценува дека во урбаните средини ќе живеат до 80 отсто од европските граѓани што ќе бара сериозни политики за одржливост на градовите.

7

Новоизградени станбени згради според ДУП „Црква УЕ Б“ (Стар Аеродром)

Македонската регулатива содржи одредби за заштита на урбаното зеленило преку Законот за урбано зеленило, донесен во јануари 2018 година со стандарди и нормативи од 25 квадратни метри зеленило по жител на ниво на град и минимум 20 отсто зеленило на градежна парцела. Она што загрижува е експанзијата на бетон, за сметка на зеленилото. За да се спречи ова потребно е побрзо усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, подигнување и одржување на зеленилото.

3

ДУП „Црква УЕ Б“ (Стар Аеродром)

Според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање Правилникот ќе биде наскоро усвоен.
“Правилникот има голема важност како дополнување на постојните одредби на Законот, но треба да претставува и основа за изработка на идните закони за урбанистичко планирање, со цел урбаното зеленило да го заземе потребното место“, вели Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП, посочувајќи дека новина на правилникот е начинот на кој во иднина ќе се проектираат објектите, со обврска, пред да се добие градежна дозвола, да се докаже дека на ниво на градежната парцела има 20 проценти урбано зеленило.
Понатаму, Петровска ја најави потребата од изработка на стратегија за развој на зеленилото, со која ќе се обезбеди, во загадените градски подрачја, каде што има недоволно проветрување и топлотни острови, да се создадат нови зелени површини, да се прошири зеленилото на дегадирани и опустошени простори, да се рекултивираат постојните диви депонии, а истовремено да се работи и на намалување на влијанието на климатски промени, како и на подобрување на микроклимата на градот.

4

ДУП „Црква УЕ Б“ (Стар Аеродром)

Според Петровска, во иднина во рамките на изработка на Генерален урбанистички план (ГУП) ќе треба да се изработува стратегија за развој на зеленилото и во градовите каде има загадување, каде нема доволно проветрување, каде што има топлотни острови, да се инсталира ново зеленило или да се прошири постојното, да се рекултивираат запуштени, опустошени простори и диви депонии и на тој начин менувајќи ја микро-климата во градот да се справуваме и со климатските промени.
Правилникот предвидува Деталните урбанистички планови (ДУП) да имаат основни планови за зеленило, а новина на овој Правилник е начинот на кој ќе се планираат во иднина објектите.Тие ќе имаат обврска пред да се добие градежна дозвола да се докаже дека на ниво на градежна парцела имаме 20 проценти урбано зеленило.Тоа ќе се утврдува со соодветни формули со кои ќе се докажува дека навистина предвиденото зеленило ќе ги задоволува потребните микро-климатски потреби.
Градовите во светот имаат многу различен третман на урбаното зеленило. Како позитивен пример е Лондон со 27 квадратни метри на жител, , Амстердам со 45,5 квадратни метри на жител, Стокхолм со 87,5 квадратни метри на жител, Сингапур со 66 квадратни метри на жител и Виена со 120 квадратни метри на жител.
Во светот има и градови со милионска популација и многу мала површина урбано зеленило, како Истанбул со 6,4, Токио со три или Буенос Аирес со само 1,9 квадратни метри на жител.
Скопје со градежната експанзија која ја има во изминатите години треба да е сместен во втората група на градови иако нема милионска популација, сепак му недостасува зеленило. Според податоците што ги има Општина Центар од евалуацијата и ревизијата на Деталните урбанистички планови кои ја прават изминатата речиси една година, во срцето на градот има од 0 до 10 отсто зеленило.
„Проблемот со неевидентирање на зеленилото е акутен. Ние со евалуацијата и ревизијата на Деталните урбанистички планови се обидуваме да вратиме дел од зеленилото. Сепак повеќе од јасно е дека многу неодговорно планираме. Уште сме во процес на евидентирање на тоа колку зеленило има за да успееме да го заштитиме секое зелено парче земја, да речеме не, тука ќе нема градба. Нас ни недостасуваат зелени мали џепчиња, ни недостасуваат игралишта за деца, ни недостасува каде да ги ставиме контејнерите, ни недостасува по некое дрво“, смета Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонскиот факултет.

6

ДУП „Црква УЕ Б“ (Стар Аеродром)

За придобивките од зазеленувањето на градот говори и д-р Христина Оџаклиеска од Агенцијата за планирање на просторот која образложува кои се придобивките од воведувањето на зелената инфраструктура. Според неа стратешките цели на современиот урбан развој вклучуваат промоција на здравјето и квалитетот на животот, адаптација на климатските промени и зачувување на биодиверзитетот. „Топлотните бранови, бучавата и загадувањето на воздухот во градовите значително влијаат на здравјето на населението. Урбаните зелени површини ги ублажуваат овие влијанија. Урбаната зелена инфраструктура е пропратна содржина на техничката инфраструктура. Има значаен удел во справувањето со екстремните временски услови, обилни дождови или високи температури. Исто така, активната урбанизација е директно поврзана со загубата на биодиверзитетот. Урбаните зелени површини можат да бидат живеалиште на биолошка разновидност, вклучувајќи ги и видовите и заедниците на конзерваторска грижа“, објаснува Оџаклиеска.

1

ДУП „Црква УЕ Б“ (Стар Аеродром)

Според неа придобвиките од воведувањето на зелената инфраструктура ќе ја имаат сите. Таа вели дека зелената инфраструктура претставува простор за поврзување на луѓето од различни средини и обезбедува пристап до природата. Го зајакнува чувството на поврзаност со заедницата и идентификација со околната средина. Зелената инфраструктура треба да биде лесно достапна и за лицата со ограничена подвиженост и да обезбеди голем број активности за различни возрасни групи и интереси. Оџаклиеска вели дека дека е потребно воведување на зелена култура „Boukultur“ , односно висококвалитетни добро дизајнирани урбани зелени јадра и покрај тоа што средствата за грижа на зелените површини и трошоците за нивно одржување се ниски. “Зелената инфраструктура придонесува за сите три столбови на одржливост, еколошки, социјален и економски“, додава Оџаклиеска.
Она на што останува скопјани да се надеваат е дека што поскоро ќе почне вистинската примена на Законот за урбано зеленило кој секако мора да биде успгласен и со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Законот за градење и само така навистина градот ќе зазелени.

*Со овој прилог, Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. (http://reagiraj.mk/)

Испрати коментар

Scroll To Top