Вечерва Франција и Париз ќе наликуваат на светската сцена кога повеќе од 10.500 најдобри спортисти на планетата ќе пловат по Сена со чамци.
Кога 33. Олимписки игри во Париз вечерва на зајдисонце во 19 часот и 30 минути и официјално ќе почнат, реката Сена ќе биде неивната бина.
Церемонијата на отворањето на Игрите се организира за прв пат вон стадион, во самиот град, а слични прослави на најголемата париска река не се одржани од 1739 година, кога тогашниот крал Луј Петнаесетти ја мажел својата ќерка за шпански принц.
Организаторите две години го подготвувале теренот за парадата со чамци кои ќе превезуваат „армади“ спортисти, нив 10.714, претставници на 206 национални олимписки комитети и Олимпискиот тим на бегалци.
Најбројни се Американците со 592 членови на тимот, потоа следат домаќините, Французите со 573, Австралијците со 460, Германците со 428, Јапонците со 403, Кина со 388, Шпанија со 383, Италија со 371, Велика Британија со 327…
Поради војната во Украина не учестваат Русија и Белорусија, додека и покрај војната во Газа учествува Израел.
Единствениот спорт што „дебитира“ е брејкденс.
Своевидниот карневал традиционално ќе го предводи Грција, додека по нив следи сплавот на Олимпискиот тим на бегалци, а потоа другите национални селекции распоредени по абецеден ред.
Исклучок се олимписките тимови на Австралија, САД и Франција, актуелниот домаќин и следните организатори на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година и Бризбејн 2032 година, кои се на задниот дел од колоната.
Будно око на војската и полицијата, акробации на Сена
Работата за организацијата на отворањето на ОИ подразбирала поставување понтони на реката, обезбедување на чувствително мрестилиште за риби и распоредување на повеќе од 48.000 полицајци и војници, вклучително и членови на Легијата на странците, раштркани на бреговите на Сена и ширум градот.
Трошоците на церемонијата се 150 милиони евра, а во организацијата на настанот учествуваат околу 15.000 работници и волонтери.
Додека чамците ќе пловат по Сена, ќе настапат танчери, пејачи и акробати, изведувајќи перформанси на водата, на покривите на околните згради и на вештачките понтонски острови.
Се проценува дека меѓу 500 милиони и 1,5 милијарди луѓе ќе го следат триипол часовното емитување на програмата на отворањето на Игрите во Париз на телевизија и стриминг платформите.
Беседа на Макрон
Иако сценариото на најголемиот спортски настан требаше да биде тајна и изненадување се до вечерва, 26 јули, францускиот претседател Емануел Макрон веќе најави дека во својот говор ќе изнесе идеи за слободата и еманципацијата кои, како што вели, потекнуваат од Франција.
Изгледа неговите предупредувања за „граѓанска војна и поделби во Франција“ пред предвремените парламентарни избори избледеа додека олимписките прстени ги осветлија париските булевари.
Така, околу 300.000 луѓе, кои ќе ја следат церемонијата покрај Сена, ќе ги слушаат говорите на Макрон за достигнувањата на Француската револуција до Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации (ОН), која беше потпишана кај палатата Шајо, каде што приближно завршува пловидбата.
За да се слушне и види сè, поставени се 80 видео бимови и безжични звучници.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, го опиша претстојниот настап како „разигран“ и исполнет со пораки за „отвореноста на градот кон светот“ и „културата на различностите“.
Но, уличните продавачи чиишто сувенирници беа привремено преместени од брегот на Сена, и бездомниците кои беа растерани од центарот на градот, не најдоа отвореност и разбирање. „Лекари без граници“ тврдат дека француските власти „насилно ги протерале барателите на азил, мигрантите и бездомниците“.
Парадоксално, организаторите од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) порачуваат дека темите на церемонијата и на Игрите се љубовта и хуманоста.
Кој ќе пее?
Она што не може да се сокрие, и веќе се назира е бината на Сена.
Сценографијата вклучува 12 различни поставки кои симболизираат автентични периоди од француската историја.
Присуството на пејачките Селин Дион и Лејди Гага во Париз медиумите го препознаа како знак дека ќе настапат на свеченото отворање, а американскиот рапер Снуп Дог практично веќе потврди дека ќе биде еден од изведувачите.
При забележливо отсуство на француски изведувачи, сепак Дион и Гага би требало да ги изведат песните од познатата француска пејачка Едит Пјаф, а се очекува да настапи и француско – малиската поп ѕвезда Аја Коко Даниоко (Накамура), која ќе ги пее хитовите на францускиот кантавтор Шарл Азнавур. Кога Аја Накамура беше предложена да настапи на отварањето на ОИ и тука Французите се поделија. Едни сметаат дека нејзините песни се слушаат само во запуштените предградија и се огорчени поради нејзиниот изговор, облекување и имиџ.
Сценариото на церемонијата го пишувале пет автори – театарска режисерка, историчар, романсиер, сценаристка и драматург. Во подготовката помогнале и костимографи, кореографи и музички уредници. Околу 3.500 танчери ќе носат повеќе од 3.000 костими.
Дојде време ОИ да почнат
Организациониот одбор „Париз 2024“ во состав на МОК, француската влада и градот Париз одреди рута која започнува на истокот на градот, во близина на железничката станица и мостот Аустерлиц, една од портите на градот. Експедицијата потоа продолжува по Сена покрај катедралата Нотр Дам и плоштадот Конкорд.
При крајот на трасата ќе се назира Ајфеловата кула и стаклениот покрив на Големата палата, изложбениот салон и музејскиот комплекс во Париз. Парадата завршува кај плоштадот Трокадеро, каде првата вечер од Олимпијадата ќе биде заокружена со огномет и палење на олимпискиот оган.
Целиот план неколку пати е дополнуван по сугестиите на францускиот претседател и градоначалничката на Париз, иако беше нагласено дека политичарите не се мешале во креативниот процес. Макрон на почетокот мислел дека церемонија на Сена е „луда идеја“.
„На крајот ми се допаѓаат Игрите на реката. Дојде време овој луд проект да му го претставиме на светот“, порача францускиот претседател, кој ќе биде домаќин на околу 100 шефови на држави.
Матна вода
Идејата е, како и свеченото отворање надвор од стадионот, и самите натпревари што почесто да се одржуваат во центарот на градот.
Меѓутоа, некои национални комитети се загрижени за квалитетот на водата во Сена, каде што треба да се одржат трките во триатлон и пливање на отворени води. Пливањето во Сена било забрането повеќе од 100 години поради нечиста вода.
Градоначалничката Идалго пливаше за да докаже дека Сена е чиста, но натпреварите на реката ќе бидат забранети доколку има големи бури и врнежи за време на Олимпијадата, кои по правило ја преоптоваруваат градската канализација.
На организаторите не им оди во прилог ниту тоа што градоначалничката заглавила во валканата кал на Сена додека излегувала од вода.
Париз сака да ги надмине сите досегашни организации на отворањето на најголемата меѓународна спортска смотра.
Олимписките игри во Париз на брегот на Сена најверојатно ќе ја победат конкуренцијата.
А после пловењето, натпреварувачите се враќаат во Олимпиското село и од следното утро ги чекаат натпревари во следните две недели, еден век подоцна, повторно во претолнината на Франција.