Завршена е изградбата на метро станицата King Abdullah Financial District (KAFD) во Ријад, која е дел од големата метро мрежа отворена неодамна во главниот град на Саудиска Арабија. Оваа станица претставува клучна точка во мрежата која опфаќа 176 километри и вкупно 85 станици, и има капацитет од дури 3,6 милиони патници дневно.
Метро станицата KAFD, проектирана од страна на студиото Zaha Hadid Architects, осмислена е како мултифункционален сообраќаен центар со шест перони распоредени на четири нивоа. Поврзана е со локалните автобуски линии, системот park-and-ride, како и со едношински воз. Проектот вклучува практични внатрешни и надворешни плоштади.
Екстериерот на станицата, обложен со бетонски панели, се карактеризира со сложена решеткаста конструкција со геометриски перфорации. Тие го намалуваат продирањето на сончевата енерфија истовремено претставувајќи современ одраз на традиционалните архитектонски елементи карактеристични за овој регион. Архитектите пронашле инспирација во формите кои ветровите ги креираат на песочните дини, пренесувајќи јa нивната динамичност на тродимензионалната брановидна мрежа. Покрај естетскиот впечаток, проектот е осмислен со посебен акцент на енергетската ефикасност. Користејќи пасивни стратегии на ладење и обновливи извори на енергија, станицата е прилагодена кон предизвиците на пустинската клима. Ентериерот е збогатен со бели бетонски плочи, декоративни подови и детали во златни тонови, создавајќи амбиент кој ја спојува функционалноста со луксузот.