Рудникот за олово и цинк „Саса“ од Македонска Каменица денеска доби А интегрирана еколошока дозвола. Дозволата ја врачи министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, кој посочи дека „Саса“ е прва компанија од рударската индустрија која добива ваква дозвола во Македонија.
За исполнување на условите за добивање на А- интегрирана дозвола, раководството на рудникот „Саса“, инвестираше околу милион и 200 илјади евра. За оваа инсталација карактеристични се високите стандарди кои ги има поставено во однос на заштитата на животната средина. Компанијата поседува сертификат за Систем за управување со животната средина според стандардите ИСО 14001, рече Адеми, додавајќи дека до крајот на март во кругот на инсталацијата ќе бидат укинати уште две посотечки мерни места поставени на парните котли, што е резултат на нивна замена и исфрлањето од употреба на нафтата како гориво.
„Посебно треба да се истакне почитувањето на високи и строги критериуми за складирање на хидројаловината од процесот на производство, кои подразбираат почитување на најстроги гранични вредности на квалитет на излезната вода, како и практикување на процесот за нејзина реупотреба-рециклирање, што доведува до намалување на потрошувачката на водата“, нагласи Адеми.
Добивањето на А интегрирана дозвола, за рудниот „Саса“, како што истакна генералниот директор Александар Раков, е од огромно значење и е потврда на заложбите што ги прави компанијата за заштита на животната средина.
„Наша заедничка цел и определба е придонес кон почиста животна средина, а сите ние заедно сме поврзани преку Каменичка Река и река Брегалница. Преку заеднички заложби и инвестиции ќе продолжиме да работиме на поздрава околина, но и услови за грижа и заштита на животната средина за идните генерации“, истакна Раков.