На 19 февруари 1984 година, во Сараево свечено се затворени 14. Зимски олимписки игри. На нашиве простори за прв пат бил организиран таков настан. Ниту дотогаш СФР Југославија била домаќин на Олимпијада, ниту до денес која било од новонастанатите држави. За Олимпијадата многу е зборувано и пишувано: за маскотата Вучко, за гласот на Здравко Чолиќ на најавниот спот, за отвореноста и духот на сарајлиите, за сребрениот медал за Југославија и сл. Но, малку е пишувано за креаторите на овој настан, луѓето што го преуредиле градот и ја обезбедиле целата инфраструктура. Тоа се четирите градоначалници на Сараево во периодот 1973 – 1985 год., односно од времето кога се родила идејата за Олимпијада во Сараево па се до конечната реализација на Игрите.
Уште во мандатот на Дане Маљковиќ, кој бил голем вљубеник во скијањето, се раѓа идејата за кандидирање на Сараево за домаќин на ЗОИ. Но, Сараево како град бил загушен со многу проблеми како што се загадениот воздух, слабо развиената инфраструктура и сл. Во 1968 година, забележано е дека Сараево не видело сонце точно 100 дена. Градот сместен во котлина бил прекриен со густи темни облаци смог и чад. Но, градоначалникот Анто Сучиќ ќе остане запаметен по изградбата на гасниот прстен околу Сараево, со цел цврстите горива кои дотогаш се користеле за загревање на домаќинствата да се заменат со гас. Во неговиот мандат, поставена е и нова водоводна мрежа, а започнале и работите на изградба на градскиот автопат за движење на транзитните возила.
На 31.10.1977 весникот Oslobođenje на насловната страница со ударен наслов „Тргна кандидатурата на Сараево“. Во Атина 1978 година, Сараево и официјално ја добива организацијата на ЗОИ во 1984-та. Но, останува уште многу работа која треба да се заврши. Следниот градоначалник Емерик Блум ги продолжува работите започнати од неговиот претходник. Започнува реконструкцијата на дуќаните во најфреквентната улица во Башчаршија.
И таксистите во Сараево седнале во училишни клупи со цел подготвени да ја дочекаат Олимпијадата. Во текот на наставата тие учеле за знаменитостите на градот и околината, како и најмалку еден странски јазик. Оваа обука ја минале 800 сараевски таксисти.
Во 1983 г. Блум ја предава организацијата на својот наследник Угљеша Узелац. Останатото е историја – 49 земји учеснички, над 1200 спортисти и повеќе од 7000 акредитирани новинари и технички персонал. Сето тоа го овозможиле луѓето што здушно и посветено го воделе градот, и работеле за остварување на зацртаната цел.
Се разбира, никој не можел ниту да помисли дека само осум години подоцна сите спортски објекти, кои биле изградени за потребите на Игрите, ќе бидат уништени.
Извор: Al Jazeera Balkans