Националниот конзерваторски центар ја заврши реконструкцијата и реставрацијата на пет дуќани – објекти од староградската архитектура во рамките на споменичната целина Ајдучка чаршија во Кратово. Конзерваторските зафати на овие зданија беа дел од проектот на надлежното министерство за зачувување на автентичниот изглед на старата градска архитектура, со кој до 2017 година е предвидена обнова на 250 фасади на објекти од старите градски јадра низ целата земја. По целосното завршување на овие активности во Кратово, Националниот конзерваторски центар ќе изработи закон за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење.
Во Кратово и кратовскиот регион досега се завршија неколку проекти од овој вид. Се изврши санација на Саат-кула и на Симиќева кула, додека заштитни интервенции беа реализирани и врз Златкова кула. Министерството за култура во наредниот период ќе работи на заштита на познатите кратовски мостови, а е предвидено да се продолжи и со активностите за заштита на споменикот на културата, црквата „Св. Јован Крстител (Претеча)“.