Во селото Брезово, Демир Хисар, реализиран е проектот за санација и конзервација на кулата на истакнатиот македонски револуционер Јордан Пиперката.
Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола со поддршка на Министерството за култура во изминатиот период го реализираа проектот за негова санација и конзервација. Во рамките на заштитните интервенции, извршена е санација на северно-источниот темел, санирани се северниот и источниот ѕид, извршена е реконструкција на натстрешницата и конзервација на влезните партии, а поставен е и нов покрив.
При непосредната заштита, а во насока на зачувување на автентичноста на кулата, користени се традиционални градежни материјали и техники карактеристични за тој период.
Според податоците, кулатa која за време на илинденскиот период се користела за одбрана на селото Брезово е изградена во 1530 година, а нејзиното настанување кореспондира со историскиот развој на ова демирхисарско село. Планирано е одбранбената кула внатрешно да се уреди во мал музеј кој ќе биде посетен од домашни и странски гости.