Во тек се градежни активности за санација и реконструкција на платото и кровната конструкција на Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, со поддршка на Министерството за култура, информираат од НУ Музеј Куманово.
„Промена на плочите пред платото на Меморијалниот центар АСНОМ започна пред две недели, а ќе следи и санација на кровната конструкција. И покрај тоа што градежните активности се во тек, Меморијалниот центар е отворен за посетителите“, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска.
Санацијата на кровната конструкција и обновата на платото е предвидена да заврши кон крајот на декември, соопштија надлежните.
Станува збор за прва санација на Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, којшто годишно го посетуваат помеѓу седум и осум илјади посетители од државава и од странство.