Делницата Неготино – Демир Капија претставува дел од патниот правец А1, кој започнува од границата со Р. Србија (ГП Табановце) – Куманово – Велес – Неготино – Демир Капија – Гевгелија – граница со Р. Грција (ГП Богородица).
Зголеменото сообраќајно оптоварување, нецелосното функционирање на системот за одводнување, „ефектот на стареење на битуменот“ што влијае на стабилноста кај асфалтните слоеви, како и комплексните геотехнички услови на предметната средина, предизвикуваат поголеми оштетувања кои ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот и удобноста при возење, поради што е потребно да се изврши санација и рехабилитација согласно потребите и барањата на Инвеститорот.
Во процесот на изработка на проектот e извршена детална теренска и визуелна проспекција на постоечката состојба на делницата при што се забележани подолжни и попречни пукнатини, вертикална деформација на нивелетата, слегнување на коловозната конструкција и крпење на ударни дупки. Извршени се и теренски испитувања (вадење на кернови од асфалтот), со цел да се анализираат постоечките слоеви на асфалтната конструкција.
На почетните 2.3 km забележани се поголеми оштетувања, па затоа со новите технички решенија се изведува нова коловозна конструкцијa. Бидејќи се работи за одвоени коловози, предвидени се две оски – за левиот и десниот коловоз, кои се проектирани така да ја пратат постојната состојба во однос на хоризонталното решение и нивелетски да се вклопат на спојот со стариот асфалт. Вкупната должина на левиот коловоз е Ll = 8599.96 m, од кои на првите 2.3 km е предвидена санација/реконструкција, додека на останатте 6.3 km е предвидена рехабилитација. На десниот коловоз кој е со должина Ld = 8599.04 m е предвидена рехабилитација.
На делот каде се врши комплетна реконструкција, ширината на коловозот е задржана како во Главниот Проект, т.е. изнесува 11 m. Ширината на коловозот, каде е предвидена рехабилитација на коловозот, го прати габаритот на трасата.
Во согласност со постоечката состојба, за сметковна брзина од 120km/h, користени се хоризонтални радиуси од околу 900m, додека наклоните и радиусите на вертикалните кривини се избрани со цел да ја запазат постојната состојба. Попречниот наклон го прати постоечкото витоперење и трпи мали корекции во деловите каде што се јавуваат големи оштетувања.
Имајќи ги предвид сообраќајното оптоварување, климатските услови, топографските и геотехничките карактеристики на теренот, усвоени се соодветни коловозни конструкции за рехабилитација и реконструкција. На делот каде што се врши реконструкција усвоена е следнава коловозна конструкција: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm, БНС 22сА d = 6 cm, БНС 32сА d = 7 cm, тампон од дробен материјал d = 30cm, подобрена постелка d = 40 cm и геокомпозит. На делот каде е предвидена рехабилитација се користи АБ16с (полимер СБС 2 – 5%) d = 6 cm. Со цел да се постигне континуитет на вертикалната геометрија, по потреба е предвидена двослојна и трослојна надградба. За двослојна надградба предвидени се следниве слоеви: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm и БНС 22сА d = 6 cm. Онаму каде е предвидена трослојна надградба користени се следниве слоеви: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm, БНС 22сА d = 6 cm, БНС 32сА d = 7 cm.
Постоечкиот систем за одводнување е подобрен со систем од канавки, риголи, дренажи, каналети, атмосферска канализација и пропусти, кои служат за прифаќање на водата од коловозот и косините и нејзино одведување од трупот на патот. Со проектот се предвидени чистење и санирање на постоечките пропусти, банкини, шахти, сливници и риголи, во согласност со постојните правилници и европските директиви за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Подготвиле: Жарко Иваноски, дипл.град.инж.
Шенѓул Мавмудоска, дипл.град.инж.
(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО – Скопје)