Насловна / Архитектура / САНАА – добитник на RIBA: Длабока посветеност кон создавање места коишто ги зближуваат луѓето

САНАА – добитник на RIBA: Длабока посветеност кон создавање места коишто ги зближуваат луѓето

Неодамна, Кралскиот институт на британските архитекти ја објави веста дека на церемонија која ќе се одржи во мај оваа година ќе биде доделен Златниот медал за архитектура за 2025 година на овогодишниот добитник, ателјето САНАА, колаборативна пракса на јапонските архитекти Казујо Сеџима (1956) и Риуе Нишизава (1966).  Наградата ќе се додели во име на Неговото Височество кралот Чарлс Трети, а како признание за долгогодишната посветеност на проекти коишто даваат приоритет на вклученоста и пристапноста. Златниот медал на Кралскиот институт на британските архитекти се доделува од 1848 година и меѓу добитниците на оваа престижна награда се вклучуваат и проф. Лесли Локко (2024), проф. Јасмин Лари (2023), арх. Балкришна Доши (2022), дамата Заха Хадид (2016), арх. Френк Гери (2000), Лорд Норман Фостер (1983), арх. Френк Лојд Рајт (1941) и Сер Џорџ Гилберт Скот (1859).

САНАА е колаборативна пракса за архитектура и дизајн основана во 1995 година од Казујо Сеџима и од Риуе Нишизава во Токио, Јапонија, а се состои од три фирми коишто меѓусебно ги дискутираат и критикуваат своите идеи:

  • Казујо Сеџима и соработници основана во 1987 година,
  • САНАА основана во 1995 како заедничка форма на Казујо Сеџима и Риуе Нишизава и
  • Риуе Нишизава и соработници основана во 1997 година.

Центарот за обука на Ролекс при Федералната политехничка школа Лозана, Швајцарија

Сеџима магистрирала во 1981 година на Јапонскиот женски универзитет, додека Нишизава магистрирал во 1990 година на Јокохама националниот универзитет. Пред основање на своето биро во 1987 година Сеџима работела во Бирото на Тојо Ито и соработници, додека Нишизава работел во Бирото на Казујо Сеџима и соработници.  Во 1992 година Сеџима била прогласена за Млад архитект на годината за 1990 година од Јапонскиот институт на архитекти, додека заедно Казујо Сеџима и Риуе Нишизава се добитници и на Арнолд Брунер меморијалниот медал на Американската академија за уметност и литература (2002), Дизајн награда на Архитектонскиот институт на Јапонија (2006), Берлинската награда за уметност на Берлинската академија на уметности (2007), Прицкеровата награда за архитектура (2010) и други значајни признанија во струката.  Во доменот на образованието Сеџима и Нишизава предавале на универзитети во САД, Швајцарија и Јапонија, а Нишизава е професор на Јокојама националниот универзитет.

Музеј за современа уметност во 21 век во Каназава, Јапонија

САНАА работи на проекти од различна големина, од мали станбени објекти и внатрешна архитектура до големи комплексни објекти и урбанистичко проектирање, како и на дизајн на производи и на мебел. Значајно обележје на бирото е дека со нов пристап се приоѓа кон секој проект во верувањето дека секој произлегува од специфичните услови на локацијата и на проектната програма. Како нивни најзначајни реализации се сметаат продавницата „Диор Омотесандо“, Јапонија (2003), Музеј за современа уметност во 21 век во Каназава, Јапонија (2004), Золверин школа за дизајн, Германија (2006), Новиот музеј за уметност во Њујорк, САД (2010), Павилјон на Серпентин галериите, Велика Британија (2009), Центарот за обука на Ролекс при Федералната политехничка школа Лозана, Швајцарија (2010), Лувр-Ленс, Франција (2012), Грејс Фармс, САД (2015), Новиот урбан кампус на Универзитетот Бокони, Италија (2019), Ла Самаратине во Париз, Франција (2021) Сиднејскиот модерен музеј, Австралија (2022), Арената на перфектурата Канагава, Јапонија (2025) и други.

Арената на перфектурата Канагава, Јапонија

НОВИОТ МУЗЕЈ ВО ЊУЈОРК, САД

Новиот музеј во Њујорк, САД, со површина од 5.453 м2 е впечатлив објект со јасен концепт лоциран во блоковската структура на Долниот Менхетен. Објектот преку низата кутии со различни големини и висини одговара на своето опкружување оставајќи впечаток на композиција на коцки од игротека создавајќи атрактивна форма која е истовремено и различна и слична на своето опкружување. Проектната програма вклучува четири галерии, по една на првите четири нивоа, аудиториум во подрумот, образовен центар на петтото ниво, административни простории на шестото ниво, и повеќенаменски простор на седмото нивo. Разместувањето на кубусите по нивоата овозможило природно осветлување на галериските простори, но и пристапни тераси од административниот и повеќенаменски кат со визури кон градскиот пејзаж.  Фасадата е обработена како обвивка со слој од анодизирана алуминиумска мрежа поставена преку белите ѕидови. Обвивката континуирано овозможува различни рефлексии на светлината и ги сокрива прозорците, вратите и оградите, резултирајќи во елегантна сукцесија на светли и бели површини.

 

Новиот музеј за уметност во Њујорк, САД

ЛУВР ЛЕНС, ФРАНЦИЈА

Лувр Ленс е проект реализиран како нова „сестринска“ галерија на Музејот Лувр од која се очекува да го ревитализира постиндустрискиот град.  28.000 м2 голем и 360 метри долгиот објект од челик и од стакло е лоциран на напуштена парцела која пред 1960-тите години се користела како јагленокоп, и е составен од пет дела/павилјони: четири правоаголници и еден квадрат искомпонирани во ниска и во лесно пристапна композиција вклопена во локацијата. Фасадите од полиран алуминиум овозможуваат паркот да се рефлектира промовирајќи континуитет помеѓу музејот и пејзажното опкружување, додека делумно застаклениот кров носи природна светлина во објектот и ги осветлува експонатите. Објектот содржи и две „невидливи“ подземни нивоа длабоко вкопани во насипот на парцелата за сервисни, магацински и логистички функции.

Лувр Ленс, Франција

ГРЕЈС ФАРМС, САД

Грејс Фармс е проект за повеќенаменски објект со површина од 7.711 м2 и пејзажно уредување за Грејс Фармс во Њу Канаан, САД, којшто е добитник на Мис Кроун Хал Америкас наградата за 2014/2015 година. Објектот, познат како „Река“ се простира под долг кров којшто меандрира следејќи ги теренот и пејзажот. Објектот е со конструкција од дрвена рамка, и како резултат на развивањето на основата создава и бројни наткриени надворешни простори, но и оформува дворишта. Тој ги привлекува посетителите да стапат не само во дијалог со природата туку и да се вклучат во активностите на фармата како што се архитектонски тури, вечери за заедницата, предавања и дискусии, концерти, спортски и религиозни активности. Во стручните оценки за проектот се истакнува радикалниот пристап преку кој се заматени линиите помеѓу архитектурата и пејзажот, и вниманието кон деталот и уникатниот капацитет за да се создаде место за нова иновативна институција.

Грејс Фармс, САД

Како главно обележје на САНАА се смета нивната длабока посветеност кон создавање места коишто ги зближуваат луѓето и промовираат соработка, а со Златниот медал се оддава признание за нивното творештво посветено кон преобликување на глобалниот проектантски пејзаж насочен кон создавање на простори коишто ги носат на преден план едноставноста, светлото и елеганцијата. Особената употреба на светлината на САНАА им дава на нивните простори етеричен квалитет, каде транспарентноста и материјалноста честопати се мешаат беспрекорно за да создадат околини што ги поврзуваат корисниците со архитектурата и со околниот пејзаж. Според жирито САНАА се истакнува и според нивната „способност да формираат универзален јазик на архитектурата што резонира со луѓето насекаде“. Балансирајќи ѝ на смелоста со чувствителност на локалното опкружување, нивните дела „демонстрираат дека архитектурата може да биде и функционална и длабоко елегантна, нудејќи чувство на смиреност среде сè покомплексен и хаотичен свет“.

Сиднејскиот модерен музеј, Австралија

Нивните проекти отелотворуваат неверојатна посветеност кон околината и кон локалниот контекст. Од впечатливиот Нов музеј кој смело се издигнува над раздвижените улици на Њујорк, до Центарот за учење на Ролекс, кој „тече“ заедно со бреговите на езерото Женева во Лозана, проектите на САНАА, одразуваат длабока чувствителност кон местото. Честопати презентирајќи едноставна, минималистичка фасада, нивните проекти ја маскираат тивката сложеност на нивните ентериери, сведоштво за длабоката строгост зад работата на Сеџима и Нишизава. Оваа рамнотежа на едноставност и длабочина го дефинира нивниот архитектонски пристап.

Центарот за учење на Ролекс, Швајцарија

По објавата Казујо Сеџима и Риуе Нишизава ја искажале нивната восхитеност и почестеност од наградата велејќи: „Отсекогаш верувавме дека архитектурата може да ја трансформира и поправи околината, помагајќи ни да создадеме однос со нашето опкружување, природата, и на едни со други. Во текот на нашите кариери ние се обидовме да направиме простори што ги зближуваат луѓето, поканувајќи ги да замислат нови начини на живеење и учење заеднички. Архитектурата секогаш е тимска работа, и ние сме му благодарни на секому кој ни даде можности да ги развиеме овие идеи низ годините, и на сите оние коишто работеа неуморно за да ги реализираат.“

Музеј за современа уметност во 21 век во Каназава, Јапонија

Според претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, Муива Оки: „Укажувајќи го непретенциозното, но сепак влијателно лидерство во еволутивната пракса и теорија на архитектурата, проектите на САНАА покажуваат дека архитектурата може да ја балансира функционалноста со длабока елеганција. Вистински пионери во областа, нивната непоколеблива посветеност на одржливиот дизајн насочен кон корисникот тивко остави трага за другите, поставувајќи инспиративен стандард за иднината на нашата изградена средина.

Новиот урбан кампус на Универзитетот Бокони, Италија 

Покажувајќи извонредна јасност и конзистентност во текот на децениите, нивното творештво служи како трајно сведоштво за трансформативната моќ на архитектурата – да инспирира радост, да создаде чувство на припадност и да нè поврзе со околината во која живееме. Вкоренети во заедничка визија каде архитектурата му дава предност на човечкото искуство и интеракција заедно со формата и функцијата, наследството на САНАА ќе продолжи да резонира низ културите и низ генерациите што доаѓаат.“

 

Испрати коментар

Scroll To Top