„Самсунг“ и „Даеву“ ќе инвестираат една милијарда евра во новиот блок од термоцентралата Пломин, пишуваат хрватските медиуми. По две години преговори, добиени се три обврзувачки понуди за изградба на третиот блок на термоцентралата Пломин, а како што истакнаа од ХЕП (Хрватска електропривреда), за нив тоа е голем успех бидејќи се работи за многу комплициран процес. Според „Јутарњи лист“, ХЕП не сака да ги открие имињата на понудувачите поради правилата на конкурсот. Сепак, се шпекулира дека понуди доставиле три конзорциуми – јужнокорејски Daewoo со своите партнери, Samsung со италијанскиот Edison и јапонски Marubeni со францускиот Alstom.
Без оглед кој ќе го потпише договорот, ова ќе биде најголемата инвестиција во историјата на Хрватска. Се очекува кон крајот на оваа година да се потпише договорот, а инвестициските активности да почнат следната година и да траат 4-4,5 години. Третиот блок на Пломин, односно Пломин Ц, со капацитет од 500 MW, во изминатиот период предизвика многу контроверзии во хрватската јавност, пред сè поради протестите на еколошките здруженија во регионот кои се спротивставија на изградбата на овој објект. Тие тврдат дека новата термоцентрала ќе ја загрози животната средина и ќе предизвика фатални последици по здравјето на луѓето. Од друга страна пак, од ХЕП уверуваат дека ќе бидат запазени најстрогите стандарди од областа на заштитата на животната средина.