Самостојна изложба на ликовниот уметник Јован Шумковски насловена „Прва плоча” денеска ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар (ММЦ) во Ровињ.
Според кураторот на изложбата Викторија Васева-Димеска, поставката е ретроактивен пресек на творештвото на Шумковски во последните 15 години составено од неколку целини – фотографии, инсталации, објекти, видео.
– Проектот се темели врз имагинативната спекулација базирана на сеќавањето на оние реалитети кои го прават рекапитуларот на неговите реакции на битните пунктови, ситуации и случувања во неговиот животен простор. На релација блиско минато – сегашност, Шумковски го актуелизира минатото, ја регистрира сегашноста и ја антиципира иднината во проектирање на илузијата во која живееме со цинично манипулирање на граничната линија на времето и просторот, вели за изложбата Васева-Димеска
Во присуство на авторот, изложбата ќе ја отвори заменик градоначалникот на Ровињ, Марино Будичин, и директорката на ММЦ, Дубравка Светличиќ.