Денес во Националната галерија на Македонија „Чифте амам“ со почеток во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Џезаир Реџепи.
Реџепи е роден во с. Тануше, Горна Река, во 1983 година, акaдемската наобразба ја добил на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, a по завршувањето на Факултетот за ликовни уметности, својата работа ја посветил во Конзерваторскиот центар во Гостивар, но паралелно со конзерваторската активност забележително е и негово авторско творештво.
Во потрагата за наоѓање сопствен визуелен израз, Џезаир Реџепи во скулптурата се движи во областа на апстрактно-геометризираната скулптурална форма и спојот како на формите, така и на материјалите. Тој негува пластични структури со извесни семантички и асоцијативни белези. Најчести материјали што ги употребува во делата се полиестер, метал, дрво… како и комбинирање на материјалите и евидентно е присуството на неколку фази и преокупации во текот на неговото творештво.
Реџепи низ своето творештво создава дела со спиритуална атмосфера, тоа се дела кои не ги преуредуваат секојдневните предмети и објекти, но наместо тоа го менуваат секојдневниот живот како продуктивна уметничка сила, ги допираат сите области од животот во контекст на тотално уметничко дело.
Во скулптурите на Реџепи обликот е претежно слободна живо моделирана и апстрактно-геометризирана форма обработена во манир на брут-артот од која се наѕира асоцијативно-антропоморфна содржина. Динамиката и ритамот на формите се постигнати со поврзување на слободните и геомертизираните форми во обликувањето на делото.