Душан Перчинков во галерија „Остен“ ќе се претстави со дел од негови наградени дела „Дизајн на некролог“ и циклус од пет цртежи, туш на хартија со наслов „Предел“.
„Дизајн на некролог“ е графичка мапа од шест листови, со која е добитник на Специјална награда од жири на Интернационалното биенале за графика Варна 2013 година. А цртежот „Предел 5“ е носител на Награда од жири за посебни уметнички достигнувања на ОСТЕН Биенале на цртеж Скопје 2014.
Душан Перчинков (1939) е сликар, графичар и професор на Академијата за ликовни уметници во Скопје и еден од најавтентичните уметници во Македонија. Темелно ги истражува односите меѓу урбаниот и природниот свет. Неговите слики, графики и објекти ја третираат бојата од најниските до највисоките тонови.
Академија за ликовни уметности, оддел сликарство завршил во 1963 година во Белград и специјализирал на одделот сликарство во 1966 година на истата академија. Во периодот 1966 – 1969 година дејствува како слободен уметник и професор во основни училишта. Од 1972 година е асистент во кабинетот за ликовно образование при Архитектонскиот факултет во Скопје. Од 1980 година преоѓа на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи како професор по цртање и сликање. Перчинков со графика се занимава активно уште од 1973-та, додека од 1980 година почнува да се изразува и преку уметнички објекти.
Изложбата ќе биде отворена на 24-ти јули во 12 часот во галеријата „Остен“.