На 23 август 2022 од 20:00 часот во просторите на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб ќе биде отворена изложбата „Самоспознавање“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 10 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Загребската публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 30 август.
„Авторот Слободан Милошески е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата. Тој изведува скулптура која предизвикува голема визуелна атрактивност, скулптурата со мазна полирана текстура во флуидни облици. Овие визуелни ефекти првенствено се врзуваат со имплементирањето на минималистичкиот концепт кој доминира во последните фази на авторот, период од неговото творештво кој се занимава со симболичките форми и нивните значења. Тие ни праќаат евидентна порака дека овој приод во имплементацијата на уметничките идеи овозможува проширување на апстрактните идеи во свој сопствен реалитет на самоспознавање, со елиминација на миметичките претстави на реалноста. Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ја наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични динамични, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал. Трансформацијата на металот во уметничко дело, со најдобра примена на конструктивните вештини, во металните скулптури на Слободан Милошески ја демистифицира семиолошката структура на уметничкото дело.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Авторот до сега има реализирано 28 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовниуметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптура на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.