Насловна / Вести / #СамоПрашај: Во темелите за кулите кај „Холидеј Ин“ погребана довербата во државата

#СамоПрашај: Во темелите за кулите кај „Холидеј Ин“ погребана довербата во државата

Политичката и институционална фарса за преќутно одобрување на незаконитост за случај со урбанистичко дивеење во Скопје, којшто се провлекува речиси десет години дојде кон крајот. Почнува изградбата на висококатниците спроти хотелот „Холидеј Ин“ што ќе го претвори центарот на Скопје во огромно градилиште. Деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа локација што беше донесен во 2012 година во времето на ВМРО-ДПМНЕ се реализира во време на СДСМ и покрај предупредувањата дека не е усогласен со Генералниот урбанистички план и дека новите градби ќе предизвикаат влошување на квалитетот на живеење во Скопје. Епилогот на овој случај е доказ дека партиите ги користат институциите за намерно одолговлекување и непостапување за да се реализира проект на штета на јавниот интерес.

3_resize

Имено, институциите „замижаа“ иако ДУП „Градска четврт Ц 08“ за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени со актуелниот ГУП на Град Скопје.

Машините на инвеститорот „МГ Фешн“ веќе го подготвуваат теренот за првата кула од комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1. Станбено-деловниот објект ќе биде со три нивоа подземја за паркирање, приземје плус 20 ката и поткровје, за потоа да се продолжи со уште една станбена кула од 22 ката и деловен центар од 16 ката.

20

Од компанијата не ги кријат намерите целосно да се реализира комплексот.

„Ги повикуваме сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, да нè контактираат или да дојдат во нашите деловни простории како би биле во можност да склучиме соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08“, соопшти компанијата-инвеститор.

Јавниот интерес поразен од институциите

21 декември 2012

Советот  на Општина Центар во периодот кога претседател на Советот е Владимир Здравев, градоначалник на Општината е Владимир Тодоровиќ, а министер за  транспорт и врски Миле Јанакиески, носи одлука за изменување  и дополнување на деталниот урбанистички план „Голем Ринг исток – јужен дел“ (Ц 08) со којшто се предвидува изградба на 60-катници на локацијата спроти  „Холидеј Ин“.

27 декември 2017

Општина Центар предводена од градоначалникот Саша Богдановиќ по одлука на Советот на Општината го стави под мораториум деталниот урбанистички план (ДУП) за „Голем ринг исток – јужен дел“ кој го опфаќа просторот спроти „Холидеј Ин“. Целта на мораториумот е да се ревидираат овој и 28 други ДУП-ови поради неусогласеност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

21 август 2018

„МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ поднесуваат барање за дооформување на парцелата од над 13.640 квадрати спроти „Холидеј Ин“ откако претходно откупиле 4.605 квадрати на оваа локација од физички лица. Барањето е врз основ на можноста за дооформување на парцела со намена „колективно домување со деловни објекти“ предвидено со ДУП „Голем ринг исток – јужен дел“ на Општина Центар. Во моментот кога е поднесено барањето, овој ДУП е под мораториум прогласен од Советот на Општина Центар.

25 октомври 2018

Министерството за транспорт и врски предводено од министерот Горан Сугарески во непосредна спогодба склучи договор за продажба на државна парцела од 9.048 квадрати спроти „Холидеј Ин“ по цена од 19.200 денари за квадрат со фирмите „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ. Државното правобранителство дава позитивно мислење за продажбата, а цената е утврдена според Уредба на Владата. Во моментот на продажбата овој ДУП е предмет на ревизија согласно мораториумот прогласен од општината од декември, 2017 година. Министерството немало обврска да ја продаде државната парцела.

20 март 2019

Уставниот суд ја прифати иницијативата на Градежната комора на Македонија од Скопје и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија од Скопје да се оценува законитоста на одлуката на Советот на Општина Центар за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови и привремено го замрзнува мораториумот во Општина Центар.

27 март 2019

Советот на Општина Центар повторно носи одлука за прогласување мораториум односно неспроведување на деталните урбанистички планови коишто не се во согласност со Генералниот урабнистички план на Град Скопје (Службен гласник 6). Со тоа се става вон сила претходната одлука и повторно се прогласува мораториум.

29 мај 2019

Уставниот суд ја запира постапката за оценување на одлуката на Советот на Општина Центар за прогласување мораториум, со образложение дека таа веќе не е на сила и го става вон сила решението за привремено замрзнување на мораториумот.

16 декември 2020

Уставниот суд по иницијатива на Александар Илиоски и Игор Влакевски од Охрид  поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар и привремено го замрзнува мораториумот.

17 декември 2020

Советот на Општина Центар носи заклучок со којшто го задолжува градоначалникот Саша Богдановиќ согласно членот 23 од новиот Закон за урбанистичко планирање да побара суспензија на спорните ДУП од Министерството за транспорт и врски за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност, во рок од 10 дена да ја достави потребната документација и да го информира Советот.

3 март 2021

Уставниот суд ја укинува одлуката на Советот на Општина Центар за начинот на применување на деталните урбанистички планови од 27.03.2019 година и со тоа го става вон сила мораториумот за градење.

6

22 март 2021

Министерството за транспорт и врски информира дека во системот е-урбанизам, Општина Центар нема доставено барања за суспензија на ниту еден урбанистички план. Исто така, Министерството за транспорт и врски нема примено документација која се однесува на суспензија на конкретните урбанистички планови. Со тоа, Министерството потврдува дека градоначалникот Саша Богдановиќ три месеци не постапува по задолжението од Советот на Општина Центар.

8 април 2021

Од Општина Центар и од Град Скопје потврдуваат дека на барање на инвеститорите е направена пресметка за уплата на комуналии во износ од 2,4 милиони евра за изградба на станбено-деловен комплекс спроти „Холидеј Ин“ со вкупна искористеност од 83.000 квадрати. Од Општина Центар велат дека комуналиите не се уплатени и дека е потребно да се достави целосна документација пред издавање дозвола за градење. Од Град Скопје велат дека Општината не е обврзана да издаде дозвола за градење.

10 април 2021

Градоначалникот Саша Богдановиќ потврдува дека инвеститорот ги уплатил комуналиите. Тој информира дека ќе се градат три згради со деловни објекти, првата на 15 ката, втората на 20 и третата на 25 ката и дека станува збор за параметри коишто се помали од она што го дозволува стариот план. Богдановиќ вели дека Општина Центар мора да издаде дозвола за градење.

Ќе се гради иако Обвинителството води предистражна постапка

Единствена институција којашто не остана „слепа“ за спорните моменти за изградбата на висококатниците беше Државната комисија за спречување на корупцијата. По нашите написи и реакциите на граѓанските активисти оттаму побараа Јавното обвинителство да преземе истражни дејствија околу начинот на којшто е донесен ДУП за просторот спроти „Холидеј Ин“, бидејќи постои сомнеж за извршени злоупотреби на службената положба и овластување.

Антикорупционерите го вперија прстот кон поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошникот-раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје, планерите и одговорното лице на фирмата „Билд“ што го изработиле планот.

8

Структурни промени во МВР ги пролонгирале роковите

„Само прашај“ побара одговори од Јавното обвинителство. Оттаму велат дека постапката сè уште е во фаза на предистрага, иако помина половина година откако ДКСК ја поднесе иницијативата. Од Обвинителството велат дека материјалот е обемен, а МВР во два наврата побарало продолжување на роковите дадени во наредбата на ОЈО поради структурни промени во надлежната единица. Обвинителот дал наредба за прибирање и анализа на докази, а се сослушуваат и сведоци.

„Со оглед дека се работи за обемен материјал и период од 8 години што подразбира два мандати на двајца различни градоначалници, потребно е време за сериозно и аналитичко постапување како би се испитале сите околности врз основа на кои јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од државното Јавно обвинителство, од каде укажуваат дека постапуваат за да утврдат дали е нанесена штета врз Буџетот.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска смета дека Обвинителството ја одолговлекува постапката.

„Сме биле сведоци за случаи кога Обвинителството реагирало многу побрзо. Но, зошто токму сега се завлекува постапката, кога знаеме дека станува збор за исклучително важен предмет со кој треба да се одлучи за прашање поврзано со јавниот интерес на граѓаните? Ова прашање за жал, од една страна отвора уште низа други прашања и фрла сомнеж за непристрасноста на Обвинителството, а од друга страна ненавременото донесување на одлуката дополнително ќе ја усложни целата ситуација“, смета Ивановска.

5_resize

Утнати елаборати или игнорирање на незаконитост?

По неколку месечна партија пин-понг околу надлежностите за суспензија на спорниот ДУП, обидот на Општина Центар преку елаборати да се изврши суспензија на спорните ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план помина неуспешно. Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски предводена од професорот Мирослав Грчев и актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски откако конечно ги добија елаборатите ја уверуваа јавноста дека Општина Центар ги утнала, не ја докажала штетата по јавниот интерес и не побарала суспензија само за спорните делови, туку за целите планови. Општина Центар во последниот елаборат напиша дека „детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од Генералниот урбанистички план, НЕ МОЖЕ да се применува“.(Статија во Порта 3 “Елаборатите за ДУП-овите „погрешни“ – обид за суспензија на туѓиот срам“)

Оттаму укажаа дека дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители, доволно за центарот на Скопје да го претвори во еден од најгусто населените делови во светот. Локалната власт предупреди дека експанзијата на домувањето и растот на бројот на населението не се правопропорционални на планирањето намени за јавни дејности и институции, како и за јавни простори, па максималистичкото урбанистичко планирање предизвикува низа проблеми: недоволна комунална, водоводна, канализациска, електрична, топловодна, сообраќајна и друга инфраструктура, недоволен и необезбеден простор за пешаци, а нема ниту соодветна заштита од непогоди и катастрофи. Целата приказна на крајот заврши со уплатени комуналии и издадено одобрение за градба на 13 април 2021.

2_resize

Референдумот останува единствена шанса?

Од иницијативата „Шанса за Центар“ остро реагираа на почетокот на изградбата на висококатниците и ги повикаа сите надлежни институции да застанат на страната на јавниот интерес и да ја спречат изградбата на висококатниците. Оттаму побараа Обвинителството конечно да постапи по претставката од Антикорупциската комисија, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски да издаде привремена забрана за градење сè додека ОЈО не го расчисти случајот.

„Градоначалникот може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои сè уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно. Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака! Градоначалникот да се зафати сериозно со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од „Холидеј Ин“, кои секако ќе се изградат ако не се реагира“, укажаа од „Шанса за Центар“.

Од друга страна, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски тврди дека нема ингеренција да издаде привремена забрана за градење, освен ако инвеститорот не преземе активности во спротивност на одобрението за градба, па во таков случај, инспекторите можат да постапуваат.

„Уплатените средства за уредување на градежното земјиште можат да бидат вратени само доколку се раскинат договорите склучени со Градот Скопје и Општината Центар со кои се регулира надоместокот и обврските во однос на уредувањето на градежното земјиште. До раскинување на договорите може да дојде под различни околности, но само спогодбеното раскинување нема да произведе и оштетни побарувања од страна на договорните страни“, вели Герасимовски.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека доколку продолжи молкот на институциите, на граѓаните како единствена шанса им останува да се иницира референдум за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот со цел запирање на градбата и носење нов ДУП за вистински развој на оваа централна градска локација.

4_resize

Од ААМ децидни дека ГУП-от мора да се почитува

И по почетокот на изградбата на висококатницата кај Холидеј Ин, Асоцијацијата на архитекти на Македонија остана на ставот за доследно почитување на Генералниот урбанистички план, со предупредување дека просторот е необновлив ресурс и со него треба да се ракува внимателно и со почит.

„ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Ние како архитектни не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“, велат од ААМ.

Оваа содржина е превземена од #СамоПрашај,  ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

0_resize

Испрати коментар

Scroll To Top