Насловна / Вести / Само ветерот и дождот го остваруваат планот за чист воздух

Само ветерот и дождот го остваруваат планот за чист воздух

Загадувањето на воздухот и решавањето на овој проблем не престанува да ја бранува јавноста. Секојдневно се објавуваат бројките за степенот на загаденост, мерките кои се преземаат околу ова, но никако да се види конкретна промена. Промени во ПМ- честичките има само доколку дувне ветер или заврне дожд или снег. Но, тоа наталожување на честичките е краткотрајно и недоволно. Освен ПМ-честичките, како главни загадувачи се истакнуваат сулфур диоксид (SO2), азотните оксиди (NOx), јаглерод моноксид (CO) и други. Чекајќи конкретни резултати од надлежните се зголемува револтот кај населението, па постојано се излегува на протести и се бара чист воздух. Граѓаните се свесни дека не може се преку ноќ да се реши, но сепак се незадоволни од оние мерки што сега се преземаат. Властите велат дека Планот за чист воздух постепено се реализира, но граѓаните резултатите не ги чувствуваат. По сè изгледа ветерот и дождот се најуспешни во спроведувањето на планот за чист воздух.

DSC04137

РЕВИЗОРИТЕ ЈА ОБВИНУВААТ ИНДУСТРИЈАТА

Последно што ја разбранува јавноста беше извештајот од Државниот завод за ревизија во кој се вели дека најголеми загадувачи на национално ниво се индустриите, а потоа се домаќинствата. Извештајот е изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори.

Заедничкиот ревизорски извештај претставува сеопфатно резиме од 16 ревизии за квалитетот на воздухот. На мапата е прикажана индустријата како најголем загадувач во Македонија и е обележана со црвено, а како втор загадувач се домаќинствата и комерцијалните објекти. Наодите од националните ревизии покажуваат дека владите на Албанија, Косово, Македонија, Романија и Шпанија целосно не имплементирале ниту национална стратегија ниту национален план.

ВРИ (Врховната ревизорска институција – Државниот завод за ревизија) во Албанија, Естонија, Грузија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија и Словачка објавија дека нивните влади или немале индикатори за успешност или ги имале, но не постапиле по нив. Доколку индикаторите за успешност не се достапни, владите немаат никакви информации за ефективноста на нивната политика.

DSC05058

Во случајот со Македонија, каде што не е соодветно имплементирана владината политика за квалитет на воздухот на национално или локално ниво, ВРИ заклучува дека „мерките во Националниот план за заштита на амбиентниот воздух се комплексни и покриваат различни области; тие треба да се спроведат од централни и локални институции. Не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка. Националниот план не содржи показатели за мерење на ефективноста на спроведување на политиката што го отежнува следењето на мерките за постигнување на целите на владата и политиките за борба против загадувањето на воздухот. Поради недостиг на административен капацитет, и покрај фактот дека повеќето општини се лоцирани во зони и урбани агломерации каде што постои ризик од повеќе нивоа на загадувачки супстанции кои надминуваат еден или повеќе прагови на алармирање, само локалните власти во Тетово, Битола и Скопје подготвија краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух. Во локалните планови не се поставени прецизни рокови за спроведување на секоја мерка, ниту укажуваат на потребното ниво на финансирање, на изворите на средства, нема индикатори за мерење на ефективноста и нема утврдено тело кое е одговорно за следење и евалуација“.

ВРИ од Македонија објави дека буџетите за спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот се несоодветни. Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот на ревизија, инвестицијата за подобрување на квалитетот на воздухот од државниот буџет е мала и претставува само 0,1 отсто од БДП. Од планираното финансирање за годишната работна програма на државниот систем за автоматски мониторинг, одобрени се само 31-42 отсто, што е недоволно за мерењето на загадувањето да се одвива непречено, прецизно и ефикасно.
Како резултат на тоа, нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација ниту обука на персоналот. Фактот дека работната програма не е целосно финансирана ја поткопува континуираната работа на системот за мониторинг.

Наодите од националните ревизии покажуваат дека системите за мониторинг во најмалку девет земји, односно Албанија, Бугарија, Грузија, Израел, Косово, Македонија, Молдавија, Романија и Словачка, не генерираат целосни и / или веродостојни податоци.

ВРИ од Македонија информираше дека иако информациите биле достапни во реално време, податоците не биле комплетни. „Министерството за животна средина и просторно планирање воспостави и управува со информативен систем за квалитетот на воздухот, кој е поврзан со веб-порталот за квалитет на воздухот. Порталот обезбедува информирање на јавноста во реално време за моменталниот статус на амбиентниот воздух, како и информации за загадувачите, здравствени ефекти и легислатива. Иако базата на податоци за воздух содржи многу податоци, сепак не е завршена. Нема податоци за емисии од стационарни извори, нема податоци за квалитетот на амбиентниот воздух од одделни стационарни извори, нема податоци за емисии од мобилни извори и нема податоци од Катастарот на загадувачи на воздухот“, се наведува во Извештајот.

ГРАД СКОПЈЕ ДЕЛИ СУБВЕНЦИИ

Наспроти овие податоци на ревизорите се тврдењата на скопските градски власти дека интензивно и системски се работи на намалување на загадувањето на воздухот во градот Скопје. Активностите во таа насока се дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.
„Од аспект на загревањето, Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности. Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и останати течни горива да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку. Во оваа област како нови мерки може да се наведат и субвенциите за обука на оџачари, како и субвенциите за граѓаните за чистење на оџаци. Новитет во 2019 година е што Градот Скопје за првпат ќе субвенционира граѓани за набавка на посовремени уреди за затоплување, во вид на набавка на топлотни пумпи и инвертер клима-уреди, за што се предвидени 20 милиони денари“, објаснуваат од Градот.
Во однос на сообраќајот, додаваат градските власти, во транспортниот систем на ЈСП изминатиов период беа вклучени неколку еколошки автобуси на гас, а за првпат сообраќаше електричен автобус. Советот на Град Скопје донесе одлука за задолжување на ЈСП за 10 милиони евра за набавка на 30 еколошки автобуси на гас, а се работи и на промоција на електричните возила, преку поставување на нови полначи за електрични возила на повеќе локации во Скопје. Промоцијата на велосипедизмот е друга сфера во која Градот работи, преку подобрување на условите и изградба на нова вело-инфраструктура, како и стимулирање на граѓаните за набавка на нови велосипеди преку субвенции. Изминативе неколку месеци се изградија или во тек на изградба се велосипедски патеки во должина од над 14 километри. Тоа што треба да се направи е лепење еколошки налепници на возилата во зависност од степенот на загадување или не.

DSC04113

 

Од аспект на енергетската ефикасност, Градот Скопје оваа година изврши, или во тек е замена на фасадите на 11 средни училишта. Исто така, градските власти велат дека во изминативе шест месеци подигнати се нови и реконструирани се зелени површини кои се простираат на над 50 илјади квадратни метри. Во оваа насока од Градот Скопје велат дека се работи и на два нови проекти со коишто ќе се добијат две нови големи зелени површини во Малиот ринг во Скопје, и тоа новиот парк во просторот зад Македонската филхармонија и новиот парк – зелен кров кој ќе се простира на кровот на ГТЦ. Градот Скопје работи и на мапирање и чистење на дивите депонии, каде изминатиов период со неколку големи акции се расчистени над три илјади кубни метри смет. Од аспект на инспекцискиот надзор на индустриските капацитети, Град Скопје ги следи сите индустриски инсталации кои имаат добиено од Градот Б интегрирана дозвола или усогласен елаборат за заштита на животната средина. Делот од сферата на А интегрираните дозволи е во надлежност на Министерството за животна средина и врз нив контрола врши Државниот инспекторат, додека ситните занаетчиски објекти, претежно од угостителството се во надлежност на општинските инспекторати за животна средина. Зајакната контрола има и на градилиштата во сите општини во Скопје. Во овој период извршени се контроли на повеќе од 50 локации каде што се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажува камионите да не излегуваат од градилиштата на улица со валкани тркала и непокриени со церади.

ЗА МИНИСТЕРСТВОТО ОЏАЦИТЕ СМРДАТ

DSC04111 (1)

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, тврдат дека најголемото загадување доаѓа од домаќинствата. Според годишниот извештај за квалитетот на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2017 година, просечната годишна концентрација на PM2,5 во 2015, на пример, за Општина Центар, изнесувала 40,14 μg/m3, а за Општина Карпош 50,51 μg/m3, а концентрацијата на PM10 изнесувала 72,82 μg/m3 и 57,06 μg/m3, соодветно. Проблемот со загадувањето на воздухот во градовите во Македонија е стар проблем. Според тоа, граѓаните во градовите кои се лоцирани во котлини се постојано изложени на повисоки концентрации од дозволените. Сите извештаи покажуваат дека доаѓа до нагло зголемување на концентрациите за време на грејната сезона, и тоа три до четири пати. Скопје и Тетово на пример, имаат многу денови во годината кои ги надминуваат максимално утврдените средно дневни вредности за ПМ2.5 и ПМ10-честичките.

Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот и во Скопската Котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг проектот со МЖСПП каде е пресметано дека дури 90 отсто од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво).

Нивните почетни активности се насочија кон поставување на прочистувачи на воздухот во градинките и училиштата, печки на пелети, а последно што се направи е

потпишан Меморандум за соработка меѓу Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ и АД БЕГ Скопје, со цел замена на системот за греење на студентскиот дом. Отсега, наместо да користи мазут за загревање на просториите, објектот ќе биде приклучен кон системот за централно греење на АД БЕГ Скопје. Пресметките се дека со согорување на 230 тони мазут во зимскиот период во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, на годишно ниво се генерираат 28 килограми ПМ 2,5 честички.

Додека се чека склучување нови договори и распишување јавни повици, на граѓаните им останува како единствен спас да склучат сојуз со ветерот и дождот, да ги има почесто и тоа со што поголема брзина и обем, а со тоа да овозможат да се дише чист воздух барем на крајот на оваа загадена и отровна зима.

ПРИОРИТЕТНИ АКТИВНОСТИ ЗА 2019-2020

DSC04149

Со Програмата за намалување на загадувањето во периодот 2019-2020 година предвидено е да се финансираат приоритетни активности во следните области:

мониторинг на квалитетот на воздухот, подобрување на капацитетите на инспекторатите за животна средина за вршење на инспекциски надзор, подигнување на јавната свест преку едукативни кампањи, намалување на емисиите на загадувачки супстанции од затоплувањето во домаќинствата, урбано зеленило, индустрија, транспорт, менаџирање со отпад и градежништвото.

Испрати коментар

Scroll To Top