Насловна / Вести / Само една тегла отпад годишно!

Само една тегла отпад годишно!

Беа Џонсон е една од најгласните поборнички за ослободување од стегите на консумеризмот и за поедноставно живеење. Оваа Французинка, која живее во Калифорнија, денес ја сметаат за вистинско гуру за нула отпад! Од 2008 година таа успева, заедно со своето семејство, да произведе само една тегла ѓубре годишно! Преку својата веб-страница и исклучително продаваната книга „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home), која досега е преведена на 14 јазици, таа почна глобално движење и неуморно ги инспирира луѓето низ светот да му се спротивстават на непотребниот отпад и така да живеат поедноставно.KIR_1655

Нејзиното начело гласи „речи не, редуцирај, реупотреби, рециклирај, направи компост, и тоа само по тој редослед“. Џонсон ги поткопува предрасудите покажувајќи преку сопствениот пример дека живеењето без отпад не само што може да биде живеење со стил, туку и носи значајни здравствени придобивки, како и заштеда на време и на пари. За живеењето во духот на „нула отпад“ зборувала во многубројни телевизиски емисии, како и на универзитети, корпоративни настани и ТЕДх и конференции низ целиот свет, вклучувајќи ги „Гугл“, „Епл“, Европскиот парламент и ООН.Bea Dzonson 1

Предавања во Македонија

Беа Џонсон неодамна гостуваше во Македонија во рамките на нејзината европска турнеја, која се надоврзува на досегашните пет, односно на низата од повеќе од 150 говори во повеќе од 20 земји на пет континенти. Таа одржа две предавања на Универзитетот Американ колеџ во Скопје и во „Јавна соба“. Настанот „Беа Џонсон во Скопје: Како до една тегла ѓубре годишно?“ е осмислен како прв во низата активности, што ќе имаат цел да го доближат концептот „нула отпад“ до просечниот македонски потрошувач и да охрабрат негова практична примена во овдешниот контекст.KIR_1649

Концептот „нула отпад“ му пркоси на систематизираниот процес на произведување, консумирање и фрлање отпад. Живеењето со една тегла ѓубре годишно се чини како идеално решение за ѓубрето, со чиешто намалување, сигурно, би се намалиле алармантното загадување на почвата, водата и на воздухот и исклучително високите стапки на малигни и респираторни заболувања. Гостувањето на Џонсон е во организација на неформалната група граѓани  „Од нула до нула“, потпомогнато од „Пакомак“, Асоцијацијата за развој на нови опции – АРНО, Здружението за креативно талкање „Самоник“ и на креативниот колектив „Ококори“.KPO_4811

Интересни факти за Беа Џонсон и нејзиното семејство

– живеат според принципот „животот е искуството, а не материјалните работи“

– купуваат само second hand облека, чевли и мебел

– целиот гардеробер им го собира во еден куфер за рачен багаж

– Беа на лицето става руменило од какао во прав

– не купуваат храна спакувана во амбалажа, туку само рефус

– со животниот стил „нула отпад“ штедат 40 проценти од семејниот буџет

– користат само 25 проценти вода во споредба со просечната потрошувачка во регионот

– наместо паста за заби употребуваат сода бикарбона

– секој член на семејството има по еден комплет постелнина и по два пешкири.

Подготви: Соња Танеска

Испрати коментар

Scroll To Top