Насловна / Арт и дизајн / Salone Del Mobile: Висока мода и суперстар архитектура

Salone Del Mobile: Висока мода и суперстар архитектура

На дизајнот навистина му беше потребен грандиозен come back! Милано овој јуни тоа го покажа, навистина, после целата двегодишна фарса, Salone Del Mobile повторно ја покажа својата величественост во полн сјај!

IMG_20220607_114944_resize

Откажувањето на 59-тата едиција во 2020 на најголемиот дизајн-настан во светот отвори плејада сериозни прашања за иднината на ова случување. Проткаено со несигурност и страв, пандемијата го затвори настанот и создаде голем немир и промени во самата организација. Во 2021 сепак, 59-тата едиција се одржа во помал и невообичаен формат во септември под насловот Supersalone. Тест-едиција во хибриден формат со голем број на откажувања од најголемите актери на дизајн-сцената, 2021 беше генерална проба за она што требаше да се случи во 2022 година!

IMG_20220607_130545_resize

Пробата којашто предизвика големо неверување и скепса, беше насловена како неуспех на дизајн-сцената да се избори со условите кои пандемијата глобално ги наметна.

IMG_20220608_233030_resize

SALONE DEL MOBILE 2022 БЕШЕ УСПЕХ КОЈ НИКОЈ НЕ ГО ОЧЕКУВАШЕ

Но, најверојатно она што на прв поглед е неуспех, создаде плодна почва и позитивна енергија за развој на тоа што се случи овој јуни. Проткаено со неверојатна енергија, која беше потиснувана две години, 60-тата едиција на Salone Del Mobile 2022 беше успех кој никој не го очекуваше. Оваа година бројот на посетителите ги изненади и најголемите оптимисти. Квалитетот, посветеноста, кохезијата како и желбата за заедништво и повторно враќање на сцената го направи своето. Преку 262.000 посетители го вратија во живот дизајн-спектаклот и повторно го поставија во светската сценографија како најуспешен настан кој го слави zeitgeist-от.

IMG_20220607_132922_resize

(Ре)старт на денешницата со очи насочени кон иднината, беше слоганот на едицијата која ја прослави шестата декада на овој настан. 60 години минати во длабока посветеност кон дизајнот кој пак денес, повеќе од кога било, е насочен кон социјалната одговорност и одржливоста. Салоне можеби прослави еден клучен момент, но тоа не значи дека го достигна својот максимум. Новите хоризонти кои оваа година произлегоа поставија нови предизвици, се појавија на виделина елементи на дизајнот кои претходно беа дефинирани со максимата на Саливан: формата ја следи функцијата или пак онаа на Ван дер Ро: помалку е повеќе… Во едно свое предавање Бјарке Ингелс го цитираше Филип Џонсон со неговата критика во тоа што архитектот/дизајнерот се престори, преку неговата култна реченица I am a whore, ги продолжи мислите на големите мајстори на архитектурата со неговата максима Yes is More. Бјарке, главниот протагонист на архитектонското студио БИГ преку следственоста од Саливан па сè до Џонсон го постави патот кон концептот на една нова, општествено прифатлива одржливост која тој ја нарече хедонистичка.

IMG_20220608_143503_resize

ДИЗАЈНОТ ПРЕЗЕМА СОЦИЈАЛНИ И ЕТИЧКИ ФУНКЦИИ

Светот на дизајнот започна да размислува за нови концепти (секако во еден нов општествен контекст) и достигнувања за кои дизајнот ќе треба да сноси одговорност. Колективната одговорност, етиката и еколошката одржливост се само генералните теми за кои дизајнот денес раскажува. Не само преку јазикот на естетиката и формата, дизајнот го напушта сè побргу рувото на убавото, дизајнот презема социјални и етички функции, строго е насочен кон искористливоста и одржливоста на материјалите, поставува прашања и критикува, дизајнот е теоретски двигател, парадигма на процесите од кои самиот тој е создаден. Материјализацијата и производството, техничко-технолошкиот процес на дизајнирањето се глобална тема, која на долго и на широко се преиспитува низ низа дебати, панел-дискусии, интервјуа, дизајнот денес е сечиво со две остри страници, истура и ја преполнува денешницата со вишок на тешко разградливи материјали за кои (треба) да сносиме одговорност!

IMG_20220607_144239_resize

КАРНЕВАЛ НА ЧОВЕКОВОТО ПОСТОЕЊЕ ВО ЦЕЛАТА СВОЈА СУШТИНА

И што е дизајнот ако не одговорност. Тоа го видовме во Милано, го осетивме на своја кожа, допираше до нас низ сите сетила: визуелно, хаптички, преку вкусовите, мирисот, целокупната атмосфера која низ различните квартови на Милано го продолжуваше она што се случуваше во саемскиот комплекс Ро дизајниран од Фуксас. Fourisalone како што локално Италијанците ја нарекуваат неделата на дизајн во Милано, е карневал на човековото постоење во целата своја суштина. Квартовите Тортона и Брера вибрираа физички преполнети со функции кои беа распостелени низ градското ткиво, вметнати во секоја пукнатина на градот, ги покажаа сите лица на дизајнот.

IMG_20220608_143539_resize

Луксузниот бренд Дитре Италија со својата локација на Виа Солферино 21 во срцето на Милано во квартот Брера, организираше средба на дизајнери и архитекти, заедно со Лучеплан во заеднички изложбен простор покажаа софистицираност на едно поинакво ниво. Новите модели се инспирирани од органските форми, материјалите, не само оние кои се гледаат туку и конструктивните материјали на софите и фотелјите се од одржливо потекло, со поглед насочен кон иднината, како што Марија Поро, директорката на Салоне изјави и го постави годинешниот слоган!

IMG_20220607_105528_resize

Брендовите кои многу добро ни се познати од светот на високата мода како Луи Витон се појавуваат како дизајери на животен стил со фантастични колекции за домот. Во изложбен простор поставен во историскиот простор гаража Траверси, Луи Витон ни претстави два фантастични новитета од колекцијата „Објекти номади“ како и поширока палета на нивните класични парчиња. Уште од своето деби во 2012 со колекцијата „Објекти номади“, како нов концепт на иновативност на функционални парчиња мебел, Луи Витон продолжува со соработки со интернационалната дизајн- сцена како студиото на Марсел Вандерс и покажува уникатна комбинација од креативност и својата неприкосновена savoir-faire на високата мода.

IMG_20220607_173624_resize

Брендот Лиу Џо уште од 2018 година создава мебел и дизајн-концепти за домот. Не пречекаа со насмевка, со топлина и некоја нова енергија која претходно не била присутна во светот на мебелот. Третманот на просторот во домот е како облеката, таа треба да прилега, да го дополни карактерот, да му вдахне душа на домот. Нивниот мебел и осветлување во исто време е prêt-à-porter и haute couture во исто време. Спој на безвременски дизајн кој се припојува до душата како што облеката се припојува со телото.

IMG_20220608_120648_resize

Данскиот производител Дан Форм со својата строга и луксузна линија е олицетворение на современиот скандинавски дизајн кој своите инспирации започна да ги црпи од максимата на Ингелс, најверојатно таа хедонистичка одржливост на сограѓанинот од Копенхаген се пронајде токму во нивните модели на столови и маси.

IMG_20220609_211926_resize

АРХИТЕКТУРАТА НЕ Е ВИРТУЕЛНА

Висока мода и суперстар архитектура! Дразба на која никој не може да остане рамнодушен. Мебел-елементите кои Питер Цумтор ги дизајнирал за потребите на своето студио како и за неговиот проект бањата во Валс, во Милано заедно со компанијата Time&Style од Јапонија, ги претставија во форма на нова колекција за мебел за канцеларија. Изработени со специјална техника и јапонски материјали создадоа дистинктивни дизајни потпишани од архитектот Цумтор. Материјалите потекнуваат од земја, од нашата планета, ги има премногу. Сите тие потекнуваат од овој наш свет. Од нив создаваме дом, склопувајќи ги во хармонија. Токму тоа е задачата на архитектурата. Архитектурата не е виртуелна! Ќе изјави Питер Цумтор. Неговата серија мебел/објекти која носи со себе функционална убавина е родена пред сè од потребата.

Mario-Cucinella_resize

И токму оттаму, одржливоста, функционалноста и одговорноста како неприкосновена тематика и носители на целокупната слика на Салоне едиција 60 беа ставени на пиедестал. Архитектонската тема која произлезе, не само како дискурс туку и како инсталација од голем размер, поставена во павилјонот 15, изведена и курирана од архитектот Марио Кучинела под насловот „Дизајн со природа“ беше своевиден highlight. Свесни за трансформациите кои создадоа радикален пристап, нов пејзаж и состојба на умот која придонесе до промени во сите сфери, Марио Кучинела архитекти поставија нови концепти на трасформација и начин на кој ја населуваме нашата планета. Нашата (според зборовите на М.К.) улога во дизајн-процесот е прекурсор на иднината на просторноста, низ своевиден обид да го (ре)изградиме комплексниот еквилибриум помеѓу територијата, градот и пејзажот. „Дизајн со природа“ ги истражува темите на циркуларната економија и реискористувањето, поставува нови тези за градот како резервоар и катализатор за иднината каде најголемиот дел од материјалите ќе биде создаван. Инсталацијата ни покажа три тематики: еколошка транзиција, домот како основното градиво ткиво и градот како рудник, поставени пространо воедно како пејзаж и простор за дијалог, прибежиште за дискусија, споделување, читање и мисловна рефлексија.

IMG_20220608_151235_resize

На голема површина беа претставени, низ архитектонска нарација, материјалите кои ја дефинираат еколошката транзиција на градот. Воедно, инсталацијата носеше и социолошка димензија, неизбежна во новиот метадискурс и реалм во кој дизајнот сега се наоѓа. Просторот едноставно собираше луѓе, создаваше врзиво ткиво на односи и дијалози, просторот беше(е) катализатор за дизајн. Визијата на Кучинела архитекти беше создавање нов екосистем од кој дијзанот ќе учи, ќе стане интелигентен, ќе биде посветен на новата социјалност. Фундаменталниот концепт на дизајнот треба да се смени, треба да придонесе знаењето да биде достапно и пристапно, да се пренесува преку новите технологии и преку употреба на нови генерации на материјали, крајната цел, како што вели Кучинела, треба да биде екосистемскиот know-how кој ќе ни дозволи да ја преиспитаме и реоткриеме природата!

IMG_20220608_141607_resize

ШТО АКО НАПРАВИМЕ ПОДОБРО СО ПОМАЛКУ?

Во ист контекст, плејада дизајнери го откриваа својот потенцијал, млади или пак веќе етаблирани имиња беа сценографијата низ која се движевме. Низ Тортона каде е сместен фантастичниот простор на Суперстудио Пју кој во последните години, како реминисценција на 70-тите години, стана епицентар на миланската недела на дизајн. Носител на случувањата референцирани како furoisalone и прекурсор на новата модерност. Со темата „Looking Ahead“ тимот зад ова големо случување кое секогаш го дополнува миланското Салоне, со новата едиција под палката на арт директорот Џулио Капелини.

IMG_20220608_153831_resize

Urban Matter(s) просторните инсталации и колективна изложба курирана од студиото Materiallity претстави концепет кој беше вистинскиот zeitgeist на миланскиот спектакл. Постави прашања кои ја прочепкаа суштината од еден утопистички аспект: Што ако целиот отпад се престори во градив материјал? Што ако направиме подобро со помалку? Изложбата која воедно беше и филозофски дискурс со тема материјална редукција за полесен град најверојатно и како тема ги заокружи сите идејни концепти кои се вртеа во круг околу генералната суштина годинава: одржливост.

IMG_20220608_154444_resize

Но и сето тоа, талкајќи низ бројните павилјони во саемскиот комплекс се обидуваа да го раскажат. За аматерското око тоа можеби би било какафонија од форми, бои, материјали, но за тренираното архитектонско око тоа беа приказни кои создаваа еден нов социопросторен дијалог, поставуваа дискурси за новата форма и естетика, која длабоко во себе имаше многу повеќе од само боја и форма, носеше суштинска елементарност и мајсторски ги артикулираше современите потреби. Насекаде околу нас, токму таа геометриска соигра на кругот, беше во центарот на вниманието, но сепак суптилно и не агресивно проткаена низ функционалноста.

IMG_20220607_142312_resize

Не случајно, низ имињата на дизајнерите во секој даден момент налетувавме на имиња на архитекти. Сè ми се чинеше дека повеќе беа присутни архитектите, суптилно ја отелотворуваа функционалноста. Кенго Кума, Колхас, Ингелс, Цумтор… беа насекаде околу нас. Венециско биенале за архитектура како концептуален амалгам со светот на дизајнот и високата мода. Сплотени во соигра, како онаа на објектот Dancing Tower на Гери кој го изгради во Прага и му даде прекар „Џинџер и Фред“. Џинџер Робертс беше архитектурата, Фред Астер беше дизајнот. Нивната прегратка е новиот бран кој ечеше низ миланските улици, а Брера и Тортона сценографијата! Нè фасцинираше, но и зачудуваше. Марија Поро, претседателката на Салоне дел мобиле изјави: Создавањето на оваа едиција беше моќно емоционално доживување, со фантастична симболика и нова димензија. Преку овој настан создаваме наратива за градот веќе 60 години!

IMG_20220608_140900_resize

Целиот дизајн кој нè преплавуваше навистина беше оправдан! Му даваше смисла на просторот кој го зафаќаше и создаваше. Меките бои и облите агли, букле штофовите со земјени тонови нè потсетуваа на домот, на блискост… Одржливоста и квалитетот беа сместени високо над естетиката. И токму така, се појави некоја нова естетика, нова форма, која сè повеќе ја осеќаме за блиска, позната, како отсекогаш да сме сакале да ја создадеме. Имавме чувство дека овој дизајн го познаваме отсекогаш. Имавме чуство дека овој настан се одигрува насекаде околу нас, дека е екстериторијален и безвременски.

Текст и фото: Бојана и Иван Мирковски

Сопственици на Каре, Смарт Ливинг и архитектонското студио Суперблок

(Специјално за Порта 3 од Милано)

IMG_20220608_154110_resize

IMG_20220609_215754_resize

IMG_20220608_135823_resize

IMG_20220607_142032_resize

IMG_20220609_231830_resize

Испрати коментар

Scroll To Top