Овогодинешниот Салон на архитектура, 41 по ред, кој традиционално се одржува во Музејот на применета уметност во Белград, носи наслов „На работ/ On the edge“, како парадигма на состојбите во архитектурата и улогата на архитектурата во општеството. Слоганот е одбран како објаснување за падот на значењето на професијата, која низ историјата имала значајна цивилизациска улога, како и чувството на неизвесност пред предизвиците кои ги носи блиската иднина на професијата. Станува збор за глобално присутен феномен каде се води дебата за влијанието на општествените околности на архитектонската пракса и влијанието на архитектурата на околниот свет и развиток на нова, како и широки дебати за поправање на постоечката урбана, архитектонска и еколошка инфраструктура.
Еден дел на Салонот посветен е на јубилеј, стогодишнината од основањето на Баухаус (1919 – 1933) со засебен изложбен простор.
Специјален гостин на Салонот е изложбата „Архитектура инвентура 2016-2018“, која по покана на Салонот доаѓа од Љубљана, Словенија. Оваа поставка претставува избор на биеналната изложба која е организирана од Здружението на архитекти на Љубљана.
Во рамки на програмата Документи, претставена е реинтерпретација на изложбата „Слободно училиште е слободен простор“ на Бранко Станојевиќ, која ја претставуваше Србија на архитектонското биенале во Венеција во 2018 година. Ова е прв пат во така значаен обем да се претстави изложбата која ја претставувала српската национална селекција на Венецијанското биенале.
Како традиционална програма е студентската програма. Овој пат тоа е изложбата од Нови Сад од Департментот за архитектура и урбанизам на Факултетот за технички науки со наслов „Кондиционал 505“.
Покрај сите споменати делови на изложбата, гостинските содржини и студентските трудови, најголема вредност на Салонот на архитектура е можноста да се согледа ретроспективата на српската архитектура во претходниот период. Покрај автори од Србија, на изложбата учествуваат и одреден број автори од странство, највеќе од регионот.
Од вкупно 230 кандидатски трудови во сите категории во официјалната селекција жирито избра 104 труда. Од овие 104 труда, селектирани се 78 кои влегуваат во конкуренција за награди во шест категории.
Околу триста автори ги прикажале своите дела од различни области на архитектурата – јавни објекти, станбени и индустриски згради, ентериери, експериментални и истражувачки проекти и пишување за архитектура.
Големата награда на Салонот, Grand Prix 41, доделена е на авторскиот тим на бирото „АКВС архитектура“, Ангела Карабашевиќ и Владислав Суџум за реализиран објект „Летна куќа“ во местото Радановиќи во близна на Котор, Црна Гора.
Награда во категоријата „Архитектура“ доделена е на авторите Горан Војводиќ и Јелена Ивановиќ-Војводиќ од студиото „БироВИА“ за деловен објект „Роаминг груп“ во Белград.
„Признание на Салонот“ доделено му е на Предраг Милутиновиќ за реализираното дело „Фабрика Zumtobel“ во Ниш.
Во категорија „Гостин на салонот“ доделена е награда на Ненад Поповиќ и Сенка Поповиќ за објектот „Образовен центар“ во Гинген ан дер Филс во Германија.
Награди во категоријата „Ентериери“ добија: Александар Глушиќ за адаптација на изложбениот простор на Народниот музеј во Смедеревска Паланка и Сара Димитријевиќ за „Apartment SS“ во Белград.
Секако дека Салонот на архитектура е најзначајно и најсеопфатно архитектонско случување во Србија, каде за време на едномесечното одржување, од 27 март до 30 април, стручната и нестручната публика на најдобар начин може да се запознае со архитектурата која настанала на просторот на Србија во изминатиот период, да разбере кои се тенденциите во архитектонското творештво, како и со тоа да согледа каква е состојбата во архитектонската струка, со постојаното прашање дали таа го отсликува слоганот на овогодинешната изложба, дали е архитектурата „на работ“?