Насловна / Вести / Saint Laurent отвора суши ресторан во Париз

Saint Laurent отвора суши ресторан во Париз

Saint Laurent влегува во светот на кулинарството во соработка со легендарниот ресторан Sushi Park од Лос Анџелес.

Овој ексклузивен јапонски ресторан, под раководство на Питер Парк, ја изгради својата престижна репутација благодарение на бескомпромисниот пристап кон традиционалната јапонска гастрономија, станувајќи задолжително место на холивудските ѕвезди речиси две децении.

Џастин и Хејли Бибер, Кајли Џенер, Тејлор Свифт, Бијонсе и Џеј Зи, па дури и самиот Ентони Вакарело, често можат да се видат пред икултниот ресторан на Sunset Boulevard. Сега, Sushi Park го носи својот престиж во срцето на Париз, избирајќи го Saint Laurent Rive Droite како прва локација надвор од Лос Анџелес – и тоа во соработка со еден од неговите најлојални гости.

Оваа иницијатива го означува второто поглавје од партнерството меѓу калифорнискиот ресторан и престижната модна куќа од Kering Group. Нивната прва соработка, pop-up ресторан за време на Paris Fashion Week 2022, беше огромен успех, а сега концептот се претвора во трајно гастрономско искуство.

Новиот ресторан е дел од големиот рестајлинг на водечкиот бутик Saint Laurent Rive Droite, кој по една година реновирање ги отвора своите врати во уште похрабро и поиновативно руво. Во простор оплеменет со мебел од Доналд Џад и Ентони Вакарело, луксуз, дизајн и врвна гастрономија се спојуваат во единствена дестинација.

Питер Парк, познат по својот минималистички стил и исклучителната грижа во изборот на состојки, носи во Париз исклучително „омакасе“ искуство – врвен кулинарски перформанс во кој гостите целосно се предаваат на мајсторството на шефот на кујната. За дополнителна ексклузивност, во соработка со брендот Saint Laurent, мајсторот за керамика Дејонг Ким дизајнирал специјална колекција на садови, што дополнително го оплеменува гастрономското доживување.

Што значи омакасе?

Јапонскиот термин „омакасе“ може да се преведе како „препуштете ми мене“, што значи дека гостите не бираат јадења од менито – наместо тоа, готвачот создава персонализирано искуство за дегустација, избирајќи ги најдобрите и најсвежите состојки во денот. Секоја чинија носи елемент на изненадување, каде страста и умешноста на готвачот се рефлектираат преку оброкот.

Цената на ова гастрономско патување не е фиксна – се менува во зависност од сезонските состојки и менито на денот. Со отворањето на Sushi Parka во Париз, Saint Laurent ги подигнува границите на луксузот, спојувајќи ја високата мода и врвната гастрономија во неодолив спој на естетика и хедонизам.

Испрати коментар

Scroll To Top