„На почетокот поле, потоа куќи… улица, луѓе и сеќавања – носталгии. Овие генерации ја помнат како улица „Гоце Делчев“, одамна е заборавена како „Жупан Вилдовиќ“, „Позоришна“, „Престолонаследник Петар“. Некој ја растури и ја нарече „Максим Горки.“ – Живко Поповски
Често поминувам низ една улица која ниту е величествена, ниту има соодветна публика, но тука е долги години, во центарот на мојот град. Таа чува спомени од минатото во куќите од предземјотресно Скопје, во она што настанало непосредно по земјотресот, го чува споменот за берберот Цафуре, Клубот на книжевниците и уметниците – Јоле, хотелот „Македонија“. Но, со ништо не зборува за тоа. И тоа ништо секогаш е пред мене кога ја поминувам, запуштена, со паркирани автомобили, огради од градилишта, тивка, осудена на самување, без публика. Минатото како културен артефакт е незабележливо, а сегашноста ѝ е тажна. Таа е дел од центарот на градот, а тој е уште потажна приказна.
Ми навираат сеќавања од едно време кога архитектурата ја сфаќавме како творештво, кога ентузијазмот и љубовта кон градот нè тераше да размислуваме како да создадеме нешто што ќе биде препознавање на сопствените културни вредности. Затоа сум предизвикана да ја раскажам мојата приказна за улицата „Максим Горки“.
Настанокот на оваа улица се врзува со првите урбанизации на градот, а својата физиономија таа ја добива на почетокот на дваесеттиот век. Нејзиното конечно оформување е дело на повеќе автори кои до почетокот на Втората светска војна делуваат во состав на првите проектантски бироа. Силен печат врз карактерот на оваа улица ќе остави архитектот Иван Артемушкин, кој во тоа време има значајни остварувања во градот. Изборот на типот на куќите за живеење ќе го направи тогашната клиентела – граѓанската класа, која ќе го „позајми“ веќе развиениот европски модел на градска куќа.
Земјотресот во 1963 година предизвика делумни оштетувања и рушења, а реализацијата на Градскиот ѕид – пробивање и разбивање на физичката структура на улицата „Максим Горки“. Со Генералниот план од 1965 година дефинитивно се менува нејзината улога во ткивото на градот, а со воспоставување на нова сообраќајна мрежа ставена е пред дилемата: бришење или ремоделирање. Долгогодишната состојба на неизвесност ја доведе оваа улица до состојба на запуштеност. Сепак, постојниот фонд, делумно уништен, делумно реконструиран и неадекватно и ненаменски искористен, криеше голем потенцијал и површина што може да се добие со реконструкција и ревитализација на фондот во целина.
Со оваа идеја во мај 1989 година Здружената самоуправна заедница за становање на Град Скопје и Основната заедница за деловен простор за станбено–деловен простор на Град Скопје, во соработка со Сојузот на друштвата на архитектите на Македонија, распиша јавен и анонимен конкурс за изработка на архитектонско-урбанистичко уредување на улицата „Максим Горки“.
По неколку месеци, жирито во состав Предраг Пенушлиски, Анте Поповски, Паскал Гилевски, Петар Мазев, Радомир Волињец, Живко Гелевски, Аспарух Смилевски, Димитар Димитровски, Панта Христовски, Ѓорѓи Симеонов и Боге Чижбановски им ја додели првата награда на арх. Душанка Шуловиќ и арх. Оливија Мојсова од тимот на проектантското биро „Македонија проект“.
Ова е приказната за нашата улица „Максим Горки“ и за тоа што таа можеше да биде.
Во таа 1989 година тој дел од улицата со широчина од 20 метри и должина од 192 метри, поплочен со камена коцка и тротоари со бетонски плочи во лоша состојба, се протегаше од плоштадот ,,Маршал Тито“ (денешен плоштад „Македонија“) до пресекот со улицата „Маркс и Енгелс“ (денешна „Васил Главинов“). Градскиот ѕид се јавуваше како нов завршеток во перспективата на оваа улица. На северниот фронт, почнувајќи од пресекот со улица „27 Март“ постоеја: деловниот објект на проектантско биро „Македонија проект“, три колективни станбени згради, една административно-угостителска зграда и монтажен објект на тогаш популарниот бутик „Грација“. Сите овие објекти потекнуваа од педесеттите години и беа во релативно добра состојба. Претходно на овој фронт постоеле куќите на браќата Радуловиќ, Тошо Балваниевиќ и на браќата Читкушевиќ кои ѝ давале белег на улицата, но со текот на времето исчезнале.
Северниот уличен фронт го обележуваа станбено-деловниот објект на хотелот „Македонија“, во чие приземје се беа распослале продавниците „Газела“ и „Коператива“, потоа имаше блок од три станбено-угостителски објекти, па празен простор со импровизирано детско игралиште, печатницата „Гоце Делчев“, блок од три станбено-деловни објекти на два ката градени во 1930 година, со дуќани во приземјето и на крајот еден станбен објект.
Речиси сите објекти, со неколку исклучоци потекнуваа од периодот меѓу двете светски војни и беа изградени од мешан градежен материјал, со различни конструктивни системи. Карактеристика на улицата беа аголните завршетоци и кубето, кое како елемент на аголот имаше улога на комуникациски репер во глобалната структура на градот. Линијата на плитки балкони поставени на приближно иста височина, тенденцијата на порамнување на венците и декоративните хоризонтални линии на фасадите, ја подвлекуваа перспективата на улицата. Фасадите на куќите беа малтерисани најчесто во окер-жолта, сивкасто-зелена и бордо боја. Оваа улица како урбан кадар во состав на централното јадро делуваше незабележително, без физиономија и адекватна намена.
Со мојата колешка Оливија на конкурсното решение работевме цело лето, на годишен одмор не отидовме. Од поткровјето на „Македонија проект“ ја набљудувавме и ја промислувавме улицата онаква каква што сакавме да биде. Изработивме темелна студија на база на достапните архивски документи и ја составувавме старата искината мапа на центарот на Скопје. Така се роди нашата идеја за реконструкција и ревитализација на оваа улица, идеја во која ќе се создаде синергија на старото и новото, со видливи елементи на идентитет. Креиравме улица која членот на жирито арх. Раде Волињец ја нарече „насмеаната улица на Скопје“.
Архитектонско-урбанистичкото решение кое го предложивме ги следеше следните идејни начела: отстранување на сите супстандардни објекти од привремен карактер, домувањето да се задржи во постојниот обем и објекти, објектите да претрпат реконструкција и ревитализација со посебен третман на секоја фасада, објектите од поново време да претрпат колоритен третман со поставување мрежи за зеленило и цвеќе, приземјата на објектите да се отворат кон улицата и да добијат адекватна намена, а во празните простори да се интерполираат нови објекти.
Респектирајќи некои содржини, како печатницата „Гоце Делчев“, Здружението на писателите, архитектонската куќа „Македонија проект“ и вметнувајќи нови содржини, на улицата ѝ дадовме физиономија на мултифункционален културолошки центар. Содржински по должината на улицата сместивме клуб на писатели, издавачи, сликари, уметници, архитекти и угостителско-трговски содржини од висок комерцијален карактер.
Како интерполирани објекти предвидовме: факултет/академија за ликовни уметности (алтернативно културен центар), уметничка кафе-галерија, ресторан-летна сцена, деловен објект со клуб на архитекти и кафе-бар.
На аголот на „Максим Горки“ и „27 Март“ предвидовме аголен деловен објект, интегриран со постојниот објект на „Македонија проект“, со модерен архитектонски третман и вметнат исечок од фасадата на куќата на браќа Радуловиќ, градена во 1934 година и исчезната од милјето на градот. Факултетот за ликовни уметности го лоциравме на просторот каде што се наоѓале куќите на Читкушевиќ и Тошо Балваниевиќ. Предвидено беше фасадата на ликовната академија да биде стаклена, а на неа како мозаик да се состават исечоци од исчезнатите куќи, а да заврши со кубето како комуникациски репер.
Трета интерполација беше замислена на северниот фронт, на празните простори околу постојниот објект. Тука предвидовме уметничка галерија со кафе-бар во приземјето и отворена сцена со пасажи кон заднината. Во архитектонскиот третман луцидно си поигравме со калкански ѕидни платна свртени кон улицата, насликани со мурали, со што се добива објект кој создава атмосфера на спонтано восприемање на современите медиуми.
Зад постојните објекти евидентиравме слободен простор, исцепкан во дворови и запуштен. На овој простор предвидовме градски атриум, со ексклузивни трговско-угостителски содржини. Градскиот атриум го опкруживме со тремови и чешма во средишниот простор, за да создадеме интересен амбиентален џеб што ќе го збогати движењето и животот на улицата.
На јужниот фронт, почнувајќи од постојниот станбено-угостителски објект на поранешниот хотел „Македонија“ предвидено беше следното: објектот да ја задржи својата намена со колоритен третман на фасадата. Приземјето ентериерно да се преуреди во градска кафеана. Отворениот простор пред објектот свртен кон плоштадот да функционира како угостителски, придружен со екстериерно и партерно преуредување.
Проектот предвидуваше сите угостителски содржини во приземјата на објектите да бидат од ексклузивен карактер со комплетно ентериерско преуредување. Земајќи го предвид историскиот идентитет на зградите кои понекогаш во разни временски периоди изразувале разни колористички вредности, предложивме колористична обнова на фасадите со историска вредност во автентичните бои, а на зградите од поново време колоритен третман и поставување мрежи за цветни аранжмани.
Поплочувањето, партерната архитектура и урбаната опрема се проектирани во функција на облагородување на вкупниот амбиент. Замисливме поплочување со експандиран боен бетон, а балустрадите од балконските огради како стилизирани елементи да се постават во партерот како ниски огради и клупи, жардиниери со сезонско цвеќе, фонтана со атрактивно техничко решение и цветни аранжмани кои би го направиле просторот пријатен и привлечен. Плато со слободностоечки столб–тотем за оставање пораки, плато за продажба на книги, подиум за јавни настапи и перформанси, сето тоа требаше на оваа улица да ѝ овозможи од утро до доцна навечер да го менува својот облик и содржина, а во одредени свечени пригоди да се претвори во сцена за јавни собири.
На оваа улица требаше да седите во најубавите бистроа со поглед на улица, да го купите најубавиот сладолед, да купите убаво дизајниран предмет за подарок кој се разликува по својата единственост и оригиналност, сликовница за вашето дете, книга за вас, да влезете во книжарница каде има маса за читање, да видите камерна уметничка поставка во мала галерија, да ги сретнете вашите омилени писатели и уметници, да си одите со насмевка и збогатен дух. На почеток на зимата да го почувствувате мирисот на печените костени и планинскиот чај од Галичица, а на пролет да купите мало букетче јаглики и зумбули од улична продавачка. Предвидовме и дрворед од костени од едната страна на улицата, како единствен природен елемент во пејзажот, кој требаше да ја надополни идејата за континуиран ритам, и да ја одигра улогата на природен трем и сенка во летните горештини. Со еден збор, улицата „Максим Горки“ требаше да биде катче во кое ќе можеше да се седи, шета, чита, слуша, разговара, катче за средби со себе или со некои драги луѓе.
Од целата оваа убава приказна се реализира само деловниот објект „Балкан банка“ и објектот на проектантското биро „Македонија проект“, за кој јас и Оливија во 1998 година ја добивме Големата награда на 9-тото Биенале на архитектура на Македонија, што беше сатисфакција и потврда дека идејата во целина е добра. И покрај нашето инсистирање улицата да се реализира како единствена агломерација со почитување на упатствата од проектот, објектите почнаа да се реконструираат стихијно, парцијално, еден по еден, и притоа многу од нив претрпеа сосема поинакви интерпретации, а никнаа и нови станбени згради кои воопшто не беа предвидени.
Проектот имаше услови да се реализира целосно, бидејќи во 1990 година со поголемиот дел од станбено-деловниот фонд стопанисуваше ЗСИЗ за станбено-деловен простор. Но поради дворските игри во фелата, немоќта на институциите и желбите на сопствениците на куќите, проектот не се реализира.
Денес и по толку години, тоа е улица без адекватни содржини, со зголемен станбен фонд, на неа се среќаваат продавници за чевли, кинеска галантерија, казино па дури и одново никнати монтажни бараки. Улицата не е пешачка. Тоа е една полумртва и тажна улица. Се смее еднаш годишно кога цветаат јапонските цреши, единственото убаво нешто што ѝ се случи во последните 29 години. Се прашувам дали се смее или можеби се потсмева што Скопје не успеа да реконструира ниту една своја историска или идентитетска целина.
Улицата „Максим Горки“ е мојата професионална тага.
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.
roden sum na ul. ivo.l.ribar br 18 denes n. vapcarov na zalos ul goce delcev ne bese mnogu prometna i50 godini na krajot bese skoloto goce delcev i taa ul prema arapska kuka i ul guro gakovic ispred pecat. goce delcev vo ovoj del nemase mnogu saobrakaj i bese mirno za igranje. dobro ste planirale da razubavite mestoto no za zalos od olosot sto e vo opstestvoto sve unistja. pozdrav od svedska
Младоста помината пред Грација….задоволството кога ќе влезев во Кооператива…..сте имале прекрасна идеја,а мене ми е сеуште најомилена улица во Скопје