Московскиот хексагон, некогаш познат саемски простор, кој воедно е и споменик на културата, ќе биде реновиран и повторно активен по долгогодишно уништување.
Гаражниот центар за модерна уметност неодамна ја објави својата соработка со јапонската архитектонска фирма САНА за реставрација на уништениот павилјон од 1920-тите.
Сместен веднаш до главната зграда на Гаражата во паркот Горки, реновираниот павилјон треба да стане дестинација за „социјална интеракција и прикажување на различни уметнички практики“, пишува Dezeen.
Шестоаголниот комплекс првично беше проектиран од руските архитекти Иван Жолтовски, Виктор Кокорин и Михаил Парушников, за да служи како павилјон на машини и алати на Саемот за земјоделска и занаетчиска индустрија во 1923 година.
Комплексот се состои од серија од шест идентични сали, организирани околу кружен двор.
Со текот на годините се направени различни промени во објектите, имајќи предвид дека комплексот функционирал и како фабрика за лимонади, кафуле, кино, а своевремено и како дискотека.
Проектот на SANAA ги враќа оригиналните пропорции на внатрешниот распоред, овозможувајќи формирање на двојна висина на подот во просторот на галеријата.
Со реставрацијата повторно ќе се активираат 9.500 метри квадратни, кои ќе зафаќаат три изложбени галерии, библиотека, книжарница и кафуле.
Предвидено е објектот да биде лишен од сите неоригинални декоративни елементи, за да се нагласи неокласичната форма на објектот.
Основачите на SANAA, Казујо Сеџима и Ру Нишизава истакнаа дека целта им е да го задржат „посебниот шарм“.
“Кога бевме поканети да работиме на хексагонот, веднаш почнавме да размислуваме како да го зачуваме оригиналниот изглед и пропорции и дали можеме да направиме нешто што секој ќе го користи. Гаражата отсекогаш имала силен фокус на архитектурата на јавните простори и нивната историја и тоа во голема мера е во согласност со нашата практика“, велат од компанијата SANAA.
Проектот ќе овозможи проширување на Музејот Гаража, кој го основаа Даша Жукова и нејзиниот поранешен сопруг Роман Абрамович во 2008 година.
Оживувањето на хексагонот ќе создаде повеќе простор за растечки список на музејски активности и иницијативи, вклучително и архива на руската современа историја на уметност, настан за изведба во Garage live и филмска програма Garage Screen.
Се очекува зградата да има висока енергетска ефикасност, благодарение на употребата на стакло со високи перформанси, како и геотермалниот систем за греење и ладење.