Соединетите Американски Држави ќе градат шест нуклеарни централи во Индија. Спогодбата е објавена по состанокот на американските и индиските службеници во рамките на деветтата рунда на индиско-американскиот стратешки дијалог за безбедност во Вашингтон.
„Се обврзавме на зајакнување на билатералната безбедност и цивилна нуклеарна соработка, што вклучува изградба на шест американски нуклеарни централи во Индија,“ пишува во заедничкото соопштение. Во октомври 2008 година, двете земји потпишаа спогодба за нуклеарна соработка. Таа спогодба и дава право на Индија да може да договара соработка во оваа област со повеќе земји. Оттогаш Индија има потпишано спогодби за цивилна нуклеарна соработка со САД, Франција, Русија, Канада, Аргентина, Австралија, Шри Ланка, Велика Британија, Јапонија, Виетнам, Бангладеш, Казахстан и Јужна Кореја.