Низ целиот Балкан, изградени се повеќе саат кули, кои секоја со својата автентична архитектура се уште го привлекуваат вниманието на минувачите и туристите.
Битола
Ерата на јавните часовници се уште не е помината, но тие веќе не се градат како кули, како оние кои никнуваа низ Балканот во период од над 300 години. Без разлика дали овие области биле управувани од Отоманската империја, Австриското царство или Венецијанската република, јавни часовници и кули биле ѕидани во секој поголем град. Интересно, развојот на вакви архитектонско – механички постројки се одвивал речиси воедначено во сите моќни држави кои ги вкрстувале своите интереси на Балканот, што може да се воочи во генијалноста и уметничката вредност на секој часовник поединечно. Без оглед на некогашните нарачатели и ктитори, овие часовници или саат -кули и понатаму красат многу градови и градчиња и на некој начин ги поврзуваат жителите на Балканот.
Берн
Првиот голем јавен часовник, изведен во рамки на некоја зграда (кула), бил изграден во Англија во 13 век. По него, популарноста и потребата за модерно мерење на времето во јавниот простор (не сметаме на сончеви часовници) почнува да се шири побрзо отколку трендот на пиење кафе или одгледување лалиња. Новите механизми на часовниците од почетокот на 15 век се подобруваат со сегменти кои покажуваат не само часови и минути, туку и месеци во годината, хороскопски знаци и движење на некои небесни тела, па затоа се нарекуваат „астрономски часовници“.
Прага
Вакви два добро познати часовника се појавуваат во слично време (околу 1405 година) во Берн и Прага, кои ќе влијаат на другите часовници низ Европа со својот часовнички и астрономски механизам, но и со својата архитектура. Уште еден часовник, кој бил создаден речиси еден век подоцна (околу 1499 година), а кој имал влијание врз часовниците во приморските градови на Балканот, бил оној во Венеција. Оваа „хронолошка кула“, како што била наречена по нејзината изградба, замислена е како станбена зграда (палата), со кула во централниот дел на фасадата, во која е сместен комплетен механизам за часовник, односно астрономски механизам.
Венеција
Венецијанскиот часовник, впрочем како и целата венецијанска култура, влијаеа на изгледот на приморските градови. Во Дубровник, првата градска камбанарија со едноставен часовник била изградена во 1444 година, но веќе во 1506 година била преправена, кога било поставено поголемо ѕвоно, а биле додадени и механички бакарни фигури кои ги отчукувале часовите. Тогаш е модернизиран и механизмот со месечеви мени. Во текот на 17 век, кулата била оштетена во земјотрес, па во 1929 година била срушена и повторно изградена според стари нацрти.
Дубровник
За разлика од саат -кулата во Дубровник, саат -кулата во Котор била изградена подоцна, во 1602 година, по налог на гувернерот на Венецијанската република, Антонио Грималди. Се состои од неколку видливи етажи, има две страни со механизам за часовник, а изградена е од рустични камени блокови исечени од карпите на планината Ловќен. По неколку разорни земјотреси и оваа саат -кула претрпела оштетувања, поточно накривувањето кое е видливо, поради што нејзините темели дополнително се зајакнати во 1979 година, по земјотресот во Црна Гора.
Котор
Пијан часовник
Австриската империја, исто така, ѕидала часовници кули. Еден од најпознатите е и симболот на Љубљана, кој се наоѓа на тврдината на ридот покрај градот. Тврдината е изградена во 12 век, но нејзиниот сегашен изглед, заедно со високата бела сат кула, го добила во 16 век, кога е преуредена и модернизирана за потребите на одбраната од османлиските освојувања. Кулата има едноставен изглед на утврдување, со часовници на сите четири страни.
Љубљана
Може да се спореди со часовникот на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, изграден на крајот на 17 век, но обновен во 18 век, од кога датира неговиот сегашен изглед. За разлика од љубљанскиот, петровараднскиот има барокна купола, а сказалките имаат обратна намена – големата покажува часови, а малата минути. Ова е направено поради потребата на екипажите на речните чамци, кои со векови минувале под тврдината, за да го видат приближно точното време, што значи дека било важно да се види стрелката за часови, а дури потоа за минути. Исто така, во зима, часовникот доцни поради студот, а во лето, поради топлината, брза, па затоа го нарекуваат и „пијан часовник“.
Нови Сад
Сличен барокен часовник може да се види и на тврдината во Белград. Оваа саат – кула изградена е во периодот помеѓу 1740 и 1789 година, кога Белград бил под османлиска власт. Овој парадокс на османлиското владеење и барокната архитектура може да се објасни со претпоставката дека Австријците, по повлекувањето од Белград во 1739 година, оставиле зад себе проекти за изградба на саат -кула, која е изградена од Османлиите според овие нацрти. Не е невозможно, особено ако се земе предвид фактот дека проучувањето на астрономијата и мерењето на времето во Отоманската империја во тоа време било на завидно ниво.
Белград
Механизм украден од Сигет
Астрономските истражувања, пресметувањето на времето и календарот (не само лунарниот исламски) во Отоманската империја започнува за време на владеењето на Сулејман I Величествениот. Државата доживува целосен процват, па и научно – технолошки, што го условува и развојот на проучувањето и мерењето на времето. Личноста која е особено одговорна за развојот на ова поле е Таки Ал Асади, математичар, научник и астроном, кој за потребите на своите истражувања ја добил и првата модерна опсерваторија во Истанбул, каде се изработувале и првите модели на часовници.
По првите часовници, кои во престолнината доаѓаат од Австријците како подарок за султанот, околу 1547 година, започнува нивната голема побарувачка и забрзано производство. Наскоро доаѓа до изградбата на првите саат – кули, термин кој во голема мера е одомашен на нашите простори. Саат – кули се подигнати во сите значајни градови во европскиот дел на царството, на прометни плоштади или во близина на џамии, по примерот на јавната улога на часовниците и навиките на граското население на запад, по нив да ги подесуваат и управуваат своите приватни часовници.
Скопје
Првата саат-кула која е изградена во Отоманската империја е во Скопје. Изградена е во периодот помеѓу 1566 и 1572 година и прво била направена од дрво, за подоцна да биде обновена во црвена тула. Механизмот на саатот бил донесен или поточно украден од саат кулата во Сигет, Унгарија, по неговото заземање од страна на Турците. Кулата има шест ката и декоративно завршен видиковец, кој е крунисан со бела ориентална купола.
Битола
Саат-кулата во Битола не се знае точно кога е изградена, иако постојат пишани извори од 16 век кои споменуваат саат-кула, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од коишто направиле малтер и од смесата измешана со камења ја изградиле кулата. Висока е околу 32 метри, внатре има спирални скали, а на врвот се наоѓаат тераси со ковани огради. До 1912 година, времето било означувано по турски начин, односно саатите се одбројувале по заоѓањето на сонцето. По 1912 година воведено е современото сметање на времето.
Херцег Нови
Една од најпознатите саат кули на приморје, изградена од Османлиите, е влезната кула во Херцег Нови. Изградена е во 1667 година по наредба на султанот Махмуд, на местото на постара средновековна порта од времето на Твртко I Котроманиќ. Кулата има западна фортификациска архитектура, а потеклото на ктиторот го оддава обликот и декорацијата на прозорците, кои имаат ориентални линии и прекршени арапски сводови. Часовникот гледа на две страни, кон надвор и внатре.
Сараево
Еден од најзначајните османлиски градови на копното било Сараево, кое во слично време кога и Херцег Нови добива своја саат -кула. Изгорена е во 1697 година за време на повлекувањето на австрискиот кнез Еуген Савојски, а обновена е во 1762 година. Една е од највисоките саат кули во тоа време, со многу мала површина во основа и висока кула изградена од тесан камен. Се простира на неколку ката, а последниот, кој има четири часовници, има и стаклени прозорци. Поткровното ниво со купола изградено е накнадно по австриската окупација. Интересно, но сараевската саат – кула е можеби единствената во светот која го мери времето според лунарниот календар, па од таа причина покажува полноќ веднаш по зајдисонце.
Саат – килата во Пријепоље се смета дека датира од 18 век, но нема точни податоци за датумот и градителите. Сместена е во близина на џамија, изградена во комбинација од камен и бондрук, со карактеристична дрвена конструкција на кровот, обоена е во бело и има часовници на сите четири страни.
Пријепоље
Неопходно мерење на времето
Потребата да се мери времето, но и фасцинацијата и во извесна смисла, оптеретеноста од минувањето на времето, карактеристична е само за едно смртно суштество – човекот. Дали е тоа затоа што тој е единствениот кому му е подарен разум, па за разлика од животните може да го спознае протокот на времето, или е стравот од минливост (memento mori – сети се дека си смртник) што постојано не тера да го следиме текот на времето и да се управуваме по него, човекот не престанува да произведува часовници, особено јавни, кои сега во дигитална форма украсуваат многу улици, плоштади и патнички терминали. Технологијата и дизајнот на часовниците се менуваат, но нивното присуство на јавен простор веројатно никогаш нема да се изостане.