Насловна / Архитектура / Сѐ уште не постојат стандарди за проектирање на објекти за аутистични потреби

Сѐ уште не постојат стандарди за проектирање на објекти за аутистични потреби

Една статија, резултат на еднодецениско истражување сумирана во „Архитектура за аутизам: Концепти на проектни интервенции за аутистични корисници“ на д-р Магда Мустафа, е најпреземаната статија на списанието ArchNet-IJAR: International Journal of Architectural Research, во 2012 година.

13
Се проценува дека едно на секои 150 деца спаѓа во аутистичниот спектар, без оглед на социо-културните и економските аспекти. И покрај оваа висока инциденца на аутизам, сѐ уште не постојат стандарди за проектирање на објекти за аутистични потреби. Архитектурaта, како професија, е одговорна за создавање на простори за разни видови на корисници и лицата со посебни потреби не треба да бидат изземени од можноста за користење на овие простори. Примарната цел на истражувањето на д-р Магда Мустафа е да се поправи ова исклучување преку поставување на прелиминарна рамка на насоките за архитектонски дизајн за аутизам.

3
Во развиените земји сѐ повеќе се издвојуваат проектантски фирми кои се занимаваат со дизајн на објекти за лица со посебни потреби. Искуствата се движат од куќи за квадриплегични лица до училишта, дневни центри за лица со посебни потреби, објекти за сместување, рана интервенција, детски градинки, главно според сопствени истражувања.

Архитектура за ASD (autistic spectrum disorder) – САН (спектар на аутистични нарушувања)

Архитектите веруваат, и со право, дека играат голема улога во создавањето на простори кои можат да им помогнат на овие лица подобро да го разберат нивното место во светот. Но, постојат конфликтни ставови во однос на осмислувањето и осветлувањето на просторот за лица со аутизам. Некои мислат дека волумените треба да се мали, со интимно скроени простори. Други, пак, веруваат дека голем простор за секое дете ќе ја намали вознемиреноста околу перципираната инвазија на личниот простор.

8
Архитектот Сајмон Хемфрис, тврди дека наместо учениците да се ограничат на мали простори, треба да им се додели многу личен простор. Тој, при проектирање на училишта за деца со аутизам, бара во програмата минимум 40 м2 по ученик.
Покрај ова, се развива и дебата за разновидност и флексибилност на просторот. Некои тврдат дека флексибилните простори може да ги направат сите посигурни и посреќни, подготвени на сѐ. Други пак, сметаат дека за лицата со САН е важна предвидливоста на просторот. Така, сите ние, кои ја следиме оваа проблематика со нетрпение очекуваме повеќе истражувања и долгорочни резултати од дебатата за мали наспроти големи простори, предвидливи наспроти флексибилни простори.

9
Осветлувањето на објектите за лица со САН исто така ги подели професионалците. Едни се залагаат и советуваат во проектите да вклучиме ограничена дневна светлина и надворешни визури, низок плафон и мали простори. Многумина веруваат дека сјајот, сонцето и прозорците со поглед кон надворешноста предизвикуваат непотребно одвлекување на вниманието. Други, пак, пристапуваат малку поинаку, со дизајнирање на широки прозорски портали на високи парапети, за намалување на директната сончева светлина, притоа овозможувајќи доволна природна светлина и погледи кон небото и дрвјата. Тие веруваат дека средината треба да ја рефлектира реалната ситуација што е можно повеќе, без безбедни засолништа, кои промовираат поголемо повлекување.
Денес, дизајнот за аутистични индивидуи се гледа повеќе преку призма на дарба отколку на попреченост. Листата на критериуми кои треба да се почитуваат при проектирање на училишта за деца со аутизам се главно елементи на проектирање, кои архитектите треба да ги избегнуваат. Секој од овие критериуми се фокусира на попреченоста поврзана со аутизмот. Наместо тоа, овие критериуми треба да се преработат и да се земат предвид способностите.

2

Autism ASPECTSS™ Design Index е првиот сет на упатства со седум критериуми, за проектирање базирано на докази ширум светот, а во веќе изградени објекти за лица со САН. Го постави д-р Магда Мустафа и го развиваше во текот на една деценија на истражување.
1. Акустика – контролирано акустично опкружување за да се минимизира бука во позадината – потребно за фокусирање на корисникот на просторот
2. Просторно зонирање – просториите да се надоврзуваат од една активност во друга со еднонасочна шема, преку транзициони зони
3. Простори за изолација – за корисниците со аутизам од прекумерната стимулација во нивното опкружување. Може да бидат мали одвоени површини во дел од просторија.
4. Оддели – во една училница или во целиот објект. Секој оддел треба да вклучува една, јасно дефинирана функција. Раздвојувањето на овие оддели треба да биде преку уредување со мебел, различни подови, различни нивоа или дури и различно осветлување.
5. Транзициони зони – му помагаат на корисникот да ги рекалибрира своите сетила, додека се движи од едно ниво на стимул до друго. Може да имаат различни форми или ознаки.
6. Сензорно зонирање – на просторите според сензорниот квалитет на корисниците, а не со типично функционално зонирање
7. Безбедност – точка која никогаш не треба да се занемари при проектирање на средини за деца, а особено за деца со аутизам, кои можат да имаат изменето чувство за нивната околина

11

или со проектантски речник:
– основа – без ходници; да се оформи простор за движење со места за седење и дружење или седење сам; едноставна просторна ориентација; заоблени ѕидови
– бои и шари – смирувачки ентериер, без комплицирани и пренатрупани шари; да се избегнува црвена и портокалова боја и рефлексни површини
– акустика – да се обезбеди чувство на смиреност; буката предизвикува нервоза
– здравје и безбедност – доволно природно осветлување и вентилација; интегрирани ролетни; да се намалат можностите за скокање и трчање
– осветлување – да се избегнуваат остри и треперливи флуоресцентни светилки; индиректно светло каде е можно; употреба на димери – можност за промена на интензитет на осветлувањето и промена на расположението
– греење – подно или плафонско; без радијатори заради редуцирање на можноста за скокање; контрола на греењето зона по зона
– личен простор – проксемија; адекватен личен простор кој ќе ја намали нервозата од близината на другите; без големи простори со многу луѓе без можност за „бегство“
– надзор – обезбедување на чувство за слободно изразување без константен надзор; добриот проект пак, може да помогне и во несметан надзор

5

Креативноста на лицата со посебни потреби треба да се негува со особена љубов и просторот само треба да помогне во нивниот развој, а не да прерасне во институција каде процесот на растење е запоставен. Дизајнот треба да биде инспиративен, креативен и да им понуди на корисниците чувство на сигурност, а на вработените услови за максимална продуктивност и задоволство во работата.
„Кога градиме, треба да градиме за секого“ – Ari Daniel Ne’eman, активист за правата на аутистите и коосновач на Autistic Self Advocacy Network

Автор: Невена  ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх.

4

10

6

7

Испрати коментар

Scroll To Top