Германскиот енергетски гигант RWE, потпишал договор за снабдување на рафинеријата на компанијата TotalEnergies со зелен водород почнувајќи од 2030 година. TotalEnergies ќе купува околу 30.000 тони зелен водород годишно во период од 15 години, што е најголема количина договорена за снабдување од некоја постројка за електролиза во Германија.
Договорот помеѓу RWE и TotalEnergies е потпишан во моментот кога се откажуваат бројни проекти за производство на водород. Од почетокот на оваа година, на пример, откажан е проектот на гигантот BP, под името HyGreen, кој би требало да биде еден од најголемите проекти за зелен водород во Велика Британија, како и проектот на компанијата Air Products во САД, кој би требало да произведува 35 тони зелен водород дневно.
Компанијата TotalEnergies, на која и се потребни големи количини на зелен водород за декарбонизација на своите рафинерии во Европа, распишала тендери за набавка на 500.000 тони годишно. Со користењето на договорените 30.000 тони зелен водород, компанијата ќе ги намали емисиите на CO2 за околу 300.000 тони годишно. Овие количини на водород, RWE ќе ги произведува во постројката GET H2 Nukleus во Линген, која ќе започне со работа во 2027 година. Снабдувањето ќе биде овозможено со мрежата за транспорт на водород, која ќе ги поврзува локациите за производство со големите центри за инсустриска потрошувачка на водород. Мрежата со вкупна должина од 9.000 километри, постепено ќе биде пуштана во работа почнувајќи од 2025 година.