Рускиот космонаут Олег Кононенко постави светски рекорд за вкупно време поминато во вселената, надминувајќи го својот сонародник Генадиј Падалка, кој помина 878 дена и 11 часа во орбитата, објави Руската вселенска корпорација. Кононенко во неделата ја премина таа „поставена горна граница“ и продолжува понатаму.
Кононенко го собори рекордот, објави Роскосмос. Се очекува Кононенко на 5. јуни да достигне вкупно 1.000 дена во вселената, а до крајот на септември ќе има 1.110 дена. „Летам во вселената за да го работам она што го сакам, а не за да поставувам рекорди“, изјави Кононенко за ТАСС во интервју од Меѓународната вселенска станица (ИСС).
„Горд сум на своите достигнувања, но повеќе сум горд што рекордот за вкупно времетраење на човечки престој во вселената и натаму го држи руски космонаут“, додаде.
Олег Кононенко има 59 години и го презеде првото место од Падалка, која „собра“ вкупно 878 дена, 11 часа, 29 минути и 48 секунди во вселената, објави Роскосмос.
Кононенко вели дека редовно вежбал за да се справи со физичките ефекти на „подмолната“ бестежинска срединаа, но дека дури по враќањето на Земјата станал свесен за некои работи.
„Не се чувствувам лишено или изолирано. Дури по враќањето дома дознавам дека во текот на стотиците денови во мое отсуство децата растат без разлика што тато не е таму“.
Технолошкиот напредок ја „отежнува“ секоја нова мисија
Кононенко вели дека космонаутите сега можат да користат видео повици и СМС пораки за да останат во контакт со роднините, но подготовката за секој нов лет во вселената станува потешка поради технолошкиот напредок.
„Професијата космонаут станува се покомплицирана. Системите и експериментите се сè покомплицирани. Повторувам, подготовката не стана полесна“, рече тој.
Кононенко како дете сонувал да оди во вселената и се запишал на инженерски институт, пред да оди на обука за космонаути. Неговиот прв лет во вселената бил во 2008 година.
Неговото сегашно патување на ИСС започна минатата година на „Сојуз МС-24“.
ИСС е еден од ретките меѓународни проекти на кои САД и Русија сè уште тесно соработуваат. Во декември, Роскосмос објави дека програмата за вкрстени летови со НАСА до ИСС е продолжена до 2025 година.