Многу големи европски градови немаат доволно распространета инфраструктура за да овозможат значителен број од граѓаните безгрижно да преминат на електрични автомобили. Додека новите полначи не се изградат во доволен број, не може да се очекува значителен пораст на користењето на електричните автомобили, но затоа руските претприемачи осмислиле преодно решение.
Стартапот L-Charge неодамна го претстави мобилниот полнач на батерии. Нивното решение е електрично комби кое во товарниот простор има генератор на електрична енергија, а со приклучување на електричното возило, може да работи исто како било кој стационарен брз полнач, односно да му обезбеди на едно просечно возило автономија и до 400 километри за само десетина минути полнење на батеријата. Мобилниот полнач L-Charge работи на „чисти“ горива, компримиран природен гас (CNG), водород, или на нивната најисплатлива комбинација, во зависност од цените на енергентите. Секое такво комби, може во текот на еден ден да наполни до 48 автомобили. За да се користат овие услуги потребно е да се инсталира посебна мобилна апликација, преку која и се наплатува за услугата. L-Charge во септември годинава добил 1,5 милиони евра за својот проект, а во моментот бараат партнер кој би можел да произведе околу две илјади вакви комби полначи за една година. Своите мобилни полначи веќе ги претставиле на саемите и изложбите ширум светот, а планот за комерцијализација е најблиску до остварување во Лондон, каде првите мобилни полначи би стигнале веќе во 2022 година. Цената на едно возило ќе биде околу 200.000 американски долари. Кога станува збор за емисиите на гасови одговорни за ефектот на стаклена градина, енергијата добиена од CNG во овие полначи ќе емитува за две третини помалку јаглерод диоксид отколку просечно возило на дизел. Но, вака добиената енергија иако „при рака“ на секоја локација, ќе биде 1,5 до 2 пати поскапа отколку онаа превземена од мрежа преку стандардните станици за полнење.