Русите направија нова хиперсонична противбродска ракета „циркон“, способна само со еден удар да уништи носач на авиони, објавија руските медиуми.
Од Кремљ наведуваат дека крстосувачката ракета разива брзина од 6.000 до 7.400 километри на час, што е пет до шест пати побрзо од брзината на звукот.
Медиумите во Русија пишуваат дека воениот брод „Петар Велики“, кој се очекува да биде пуштен во употреба во 2018 година, ќе биде вооружен со вакви ракети.
Експерти, за англиските медиуми, предупредуваат дека проектилот е речиси незапирлив и наведуваат дека тој може целосно да ги уништи „Кралица Елизабета“ и „Принцот од Велс“, носачи на авиони на Британската кралска морнарица.
Сегашните противракетни системи на британската морнарица, опремени се со оружје кое може да собори само ракети со брзина од околу 3.700 километри на час, што значи дека ќе бидат целосно неупотребливи против „цирконите“.
Експертот за поморско војување Пит Сендмен, изјави за Sunday People дека одбраната од хиперсонични проектили претставува голем предизвик за бродовите.
„Има малку време за да се реагира и открие проектил. Дури и да експлодира во близина, се ослободува големо количество енергија така што бродот секако ќе претрпи огромна штета“, наведе Сендмен.
Крстосувачката ракета „циркон“ може да се лансира од земја, од носач од море или од подморница, а направена е со технолошко решение со помош на кое горивото се меша со воздухот и тоа ѝ овозможува да развие голема брзина, пишува Daily Mail.
За споредба, побрза е од куршум испукан од снајпер и за две и пол минути поминува околу 250 километри.