Утрово Русија ја лансираше првата ракета од новиот космодром Восточни, еден ден откако заради технички проблем беше одложено лансирањето што руските медиуми и власти го најавија како историски настан.
Ракетата „Сојуз“, која во орбитата однесе три сателити, беше лансирана во 05:01 часот по московско време од космодромот во регионот Амура, на крајниот исток на земјата, во близина на границата со Кина, јавија руските новински агенции.
Предвиденото лансирање за вчера беше откажано во последен момент.
„Дојде до автоматско откажување на лансирањето“, рече во среда директорот на руската вселенска агенција Роскосмос Игор Комаров. Автоматската наредба за прекин на лансирањето беше покрената две и пол минути пред закажаното лансирање, додаде Комаров.
„Автоматското откажување на лансирањето се случи заради грешки во работата на автоматскиот контролен систем“, појасни Комаров.
Роскосмос објасни дека одложувањето на лансирањето не е поврзано со инфраструктурата на космодромот, ниту,пак, е предизвикано од човечка грешка.
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во среда на космодромот Восточни за да присуствува на првото лансирање. По одложувањето, реши да остане додека не се утврди дали ракетата ќе биде лансирана ден подоцна, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Путин по лансирањето им честиташе на вработените во космодромот и претставниците на Роскосмос.
Русија изградбата на новиот космодром ја започна во 2012 година. Планирано е тој да биде првиот национален космодром за цивилна употреба, кој би ја намалил зависноста на руската вселенска индустрија од космодромот Бајконур во Казахстан.
Изградбата на космодромот чинеше меѓу четири и 5,3 милијарди евра.