Архитектонското биро од Хонг Конг, Cheng Chung Design (CCD), проектирало ентериер на ресторан и изложбен простор во внатрешност на купола во објектот од црвена тула наречен „50% Cloud“, проектиран од Luo Xu во малото гратче Mile City, во кинеската провинција Junan.
Без ниту една челична шипка или шајка, оваа „утопија“ изградена на црвена почва во целост се состои од локални црвени тули и се стопува со природата. Зградата изгледа како мега уметничка инсталација и половина облак што се бранува на небото. Се одликува со цврсти фасади, закривени контури и волумени поставени на неверојатни височини.
Ресторанот, наречен „50% Cloud Artists Lounge“, зафаќа една од неколкуте куполи кои имитираат џиновски гнезда на термити.
Влезот во ресторанот е нагласен со закривени скали кои водат до нестварен ентериер на ресторанот. Концептот е направен според блиските оризови тераси Honghe Hani, а проектот е конципиран да ја истакне уметноста која едноставно е вклопена во земјените бои и кривулестите форми на овој необичен простор.
Внатрешниот простор се протега низ природните кривини на екстериерот, кои се карактеризирани со големи лакови и високи тавани. На крововите се врежани кружни отвори, со цел да се пропушти дневната светлина. Природните извори на светлина низ целата зграда се рамномерно распоредени, а луѓето во неа можат да ја почувствуваат меѓусебната врска на сенките на дневната светлина и облаците.
Внатрешноста на ресторанот е намерно прочистена за да се задржи фокусот на обликот на објектот, истовремено создавајќи позадина за изложеното уметничко дело и давајќи можност на публиката да се приближи и да ужива во уметноста.
Исто така, сите делови на ентериерот ја следат сферичната форма на објектот и положбата на отворите врежани во покривот. Мебелот е едноставен, со ладни бои и закривени линии кои не ја нарушуваат постојната форма.
Уметничките дела во ресторанот се од мебел по мерка до големи скулптури дизајнирани од Cheng Chung Design, а направени од уметникот Qi Songtao. Ова вклучуваат апстрактно парче слично на облак и уметничко дело изработено од метал што имитира човечка глава.
Ресторанот е само дел од комплекс од згради од тули, кои вклучуваат мултифункционална сала, уметничка галерија и хотел, чиј ентериер е исто така создаден од студиото CCD.