Тајванскиот дизајнер Шин Куо тврди дека неговиот футуристички концепт ќе го реши проблемот со станбената нееднаквост и љубомората на станарите што сакаат да уживаат во истиот поглед, а не можат. Индустрискиот дизајнер дошол на идејата за ротирачка станбена зграда во рамките на проектот што го претставил на Академијата за уметност во Сан Франциско, а кој го нарекува „Вртење кон иднината“.
Резултатот на неговата работа е 27-катница во која секоја единица се врти како ролеркостер за 360 степени и постојано го менува погледот пред себе. Зградата ротира во однапред предвиден период и кога една единица ќе дојде на првиот кат системот на кран ја „повлекува“ единицата од врвот. За да се осигура безбедноста, пред секој потег се заклучуваат вратите на становите, а гасните, елетричните и водоводните инсталации се одвојуваат пред автоматски да се спојат со следниот приклучок.
Куо својата зграда ја гледа како решение за станбената нееднаквост. „Според моите сознанија урбанизацијата станува голем хит во светот. Поради тоа зградите ќе бидат сè повисоки и повисоки, а погледот на луѓето што имаат станови на пониските катови ќе биде сè повеќе блокиран. Во иднина високите катови ќе бидат во сопственост на луѓето со повисоки примања, а оние со мали или средни примања ќе имаат станови на ниските катови со ограничен поглед на животниот простор“, објаснува Куо.