На задоволство на сите оние кои сакаат дома да одгледуваат овошје, зеленчук или зачини, младата компанија „Васе“ ја претставува модерната хидропонична градина која ги ротира растенијата за да растат побрзо.
„Rotofarm” е ротирачка мини фарма која користи хидропоничен систем за одгледување на растенија. Овој систем користи само вода и мешавина на хранливи материи наместо почва, со што се намалува негативното влијание врз животната средина.
За разлика од другите домашни градини, „Rotofarm” има кружна форма и полека се ротира за да направи еден круг за еден час. Бидејќи гравитацијата е еден од факторите што го забавуваат растот на растенијата, кружењето во „Rotofarm” им овозможува на растенијата да претрпат помал притисок и да растат дупло побрзо.
Тоби Фармер, основачот на компанијата „Bace”, инспирација за дизајнот на својата ротирачка градина нашол во технологијата која НАСА ја користи на Меѓународната вселенска станица. „Верувам дека ротирачката градина е најдобриот начин зеленчукот да се одгледува побрзо, полесно и поефикасно“, вели Фармер.
Домашната градина не само што изгледа интересно, туку и заштедува простор во кујната. „Rotofarm” завзема само 30 сантиметри од кујнскиот пулт. Изработен е од челик, силикон и појачано пескарено стакло.
Во неговиот центар сместена е LED светилка која ги осветлува растенијата. Поделена е во четири зони во кои светлината може да се прилагоди или исклучи соодветно за да се обезбеди оптимална количина на светлина или темнина на различни видови на растенија.
„Со одгледување на зеленчук дома без пестициди и конзерванси, рокот на производите трае се додека не ги исечете, трошете помалку пари на намирници и ќе добиете повеќе слободен простор во фрижидерот“, заклучува Фармер.
Кампањата за финансирање на производството и продажбата на ротирачката градина ќе започне на Kickstarter во септември.