Градот Ростов на Дон е сместен на југоисточниот дел на Источноевропската Низина и со најголемиот свој дел лежи на десната обала на реката Дон. Југозападната периферија на градот се граничи со делтата на реката и нешто повеќе од 40 километри го раздвојуваат градот од Азовското Море. Ростов на Дон е град кој има пристап на пет мориња: Азовско, Касписко, Црно, Балтичко и Бело.
Стадионот „Ростов арена“ е дом на ФК Ростов, сместен е на левиот, јужниот брег на реката Дон, област на градот која забрзано се развива и е позната по своите патеки за шетање, кафулиња и вештачки плажи. Ростов на Дон ќе биде домаќин на пет натпревари од Светското првенство 2018 година, четири натпревари од групната фаза и едно осмина финале.
Плановите за новиот стадион станаа конкретни кога Русија го доби Светското првенство 2018 година и Ростов на Дон беше избран за град домаќин. Проектот беше избран во декември 2012 година, кога беше одлучено интернационалното архитектонско биро со седиште во Лондон „Populous“ да биде проектант. Ова биро е специјализирано за проектирање на спортски објекти. Меѓу другото проектанти се и на Олимпискиот стадион во Лондон 2012 и на Олимпискиот стадион во Сочи 2014, „Ростов арена“ и на уште два стадиони во Русија, Казан и Саранск.
Првата верзија на идејниот проект на „Populous“ е малку модифицирана за да се добие порационално и попрагматично решение со цел да се намалат трошоците за изградбата. Таа верзија не била конечна поради високата цена на инсталирање на покривот и многу скапиот материјал. Конечната цена на чинење на стадионот е нешто помалку од 300 милиони евра.
Дејмон Лавел, директор на „Populous“, ќе искоментира: „Задоволство е да се работи со градот и гувернерот на Ростов на Дон, на промоција на проектот. По нашето искуство на Светското првенство во 2010 и Лондон 2012, ние сме сигурни дека стадионот ќе биде одличен катализатор за градот и овој дел од реката“.
Проектот е инспириран од праисториските кургани кои се наоѓаат долж бреговите на реката Дон. Кургани се вид на земјени могили, кои биле користени за погребни пагански ритуали, создавајќи специфични форми по контурите на хоризонтот и во пејзажот на крајбрежјето.
Изградбата на стадионот е започната во 2013 година, но запрена е кога при почетокот на ископувањето пронајдени се пет совршено сочувани гранати од времето на Втората светска војна. По нивното деактивирање и расчистување на теренот започната е интензивната изградба и стадионот е официјално отворен на 15 април 2018 година со натпревар од лигата помеѓу ФК Ростов и ФК Хабаровск.
Стадионот е со капацитет од 45.000 места за Светското првенство, но ќе биде намален на 37.868 места по завршување на првенството. Овој капацитет е доволен за градот и е одржлив. Стадионот претставува јадро на зелениот град кој ќе се развива околу арената кој воедно и ќе ја штити мочурливата почва од реката. Ростовскиот стадион се издвојува од останатите со оригинално архитектонско решение. Северната трибина е отворена, а зад неа се отвора прекрасен поглед на реката Дон. Стадионот ги исполнува сите барања на ФИФА, има квалитетен безбедносен систем, места за гледачи со специфични потреби, ВИП ложи со 754 места, места за медиумите итн.
Патувањето во Ростов на Дон ќе биде сосема ново и интересно искуство за фудбалските навивачи.
Градот е познат од времето на Херодот како град на воинствени Скити, бескрајните степи на сливот на Дон и дом на храбрите Козаци. Козачката култура е сè уште распространета во Ростов и навивачите ги чекаат коњи, вотка и фан зоната за 25 илјади навивачи, сместена на Театарскиот плоштад.
РОСТОВ НА ДОН – „РОСТОВ АРЕНА“ ПРЕКУ БРОЈКИ
• Капацитет – 45.000 седишта
• ВИП ложи со 754 места
• Деактивирани пет гранати од Втора светска војна
• Цена околу 280 милиони евра