Руската нафтена компанија „Роснефт“ стана најголемата руска компанија според пазарната капитализација, откако го надмина гигантот „Гаспром“, јавува РТ.
Цените на акциите на „Роснефт“ се на највисокото ниво откако во 2006 година е започнато со нивно тргување, благодарение на што вредноста на компанијата достигна 51,7 милијарди долари, во однос на пазарната вредност на „Гаспром“ од 51 милијарда долари.
Вредноста на рускиот „Гаспром“ е драстично намалена поради зајакнувањето на конкуренцијата на домашниот пазар и падот на цените на енергентите, наведува РТ.
Во истиот период, „Роснефт“ оствари раст, благодарение на преземањето на активата на банкротираната нафтена компанија „Јукос“, како и заедничката компанија која ја имаше со BP.
„Роснефт го зголемува слободниот проток на пари“, изјави енергетскиот аналитичар на компанија „Ренесанс капитал“, додавајќи дека слободниот проток на пари на „Роснефт“ пораснал на 657 милијарди рубљи (9,9 милијарди долари) во 2015 година од 596 милијарди рубљи од 2014 година.