Три дена пред истекот на рокот, 1 април, за ставање на филтер за заштита од опасните ПМ честички, големите индустриски капацитети од Министерството за животна средина бараат одложување.
Југохром Феролајн ДОО-Јегуновце овој месец побара пролонгирање на рокот, фабриката Макстил побара дополнителни осум месеци од Министерството за животна средина, дотогаш компанијата планира да работи со една третина од капацитетите односно во втора и трета смена. Од компанија велат дека веќе е почната изградбата на систем за отпрашување, во кој се вложени 10 милиони евра.
Во Југохром велат дека од вкупно 29 активности за добивање А-интегрирана еколошка дозвола Југохром оствариле 22, остануваат уште најскапите меѓу кои и е набавка на хауба за собирање на ПМ честичките.
При неодамнешната посета на Југохром, министерот Адеми рече дека не е во состојба да преговара за побараното пролонгирање на поставените рокови, нагласувајќи дека за вакви одлуки е надлежна исклучиво Владата.
– Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите што ќе бараат и за дел од оперативен план. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност од барањето и фазата од која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план, изјави претходно министерот Адеми, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компании кои прават конкретни чекори.
Неофицијално, некои од компаниите како што се „Арчелор Митал“ и „Скопски легури“ веќе се при крај со подготовките. Раководството на гигантот „Фени индустри“ неодамна пред кавадарчани вети дека ќе стават филтри со кои ќе се спречи загадувањето од честичките што се штетни по здравјето на луѓето.
Како единствен позитивен пример меѓу сите загадувачи е цементарницата Усје, која неодамна ја пушти во употреба пречистителната станица со што ги исполни стандардите, а во последните неколку години фабриката инвестираше 36 милиони евра за заштита на еколошката средина.