Рој Лихтенштајн (1923-1997) е еден од најголемите американски уметници на 20 век. Истакнат претставник на поп-арт кој, потпирајќи се тематски и стилски на пародија, најдобро ја дефинирал темелната премиса на овој уметнички правец. Лихтенштајн се прославил со серијата слики на зголемени призори од стриповите и рекламните мотиви надополнети со неговите типични точки.
Изложбата ARTIST ROOMS (Собите на уметникот) е дел од проектот REFLECTIONS (Рефлексии) и е изложена во Шкотската национална галерија на современа уметност во Единбург. Култните но и понови дела на славниот уметник се изложени во три соби. Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари 2016 година, благодарение на фондацијата Рој Лихтенштајн.
Американскиот сликар, графичар и вајар Рој Лихтенштајн се вбројува во најпродуктивните уметници на 20 век – создал околу три илјади цртежи од кои повеќето ја сочинуваат студијата за слики, скулптури и печати во сито печат и керамика.
За разлика од повеќето негови колеги, тој почнал да се занимава со сликарскиот занает релативно доцна. Во моментот кога раскинува со традицијата на апстрактното сликарство (50-тите години од минатиот век) веќе имал четириесет години.
Прескокнувајќи повеќе фази од уметничкото екпериментирање типично за развојот на сликарскиот вкус од тоа време, Лихтенштајн директно се впушта во апстрактниот експресионизам.
За разлика од подоцнежните стереотипни ликовни прикази на стрип-теми во фазата поп-арт, неговите рани дела се потпираат на цртачката работилница на Волт Дизни, и се пресудни за развојот на неговиот карактеристичен постер-стил. Повеќето цртежи од тој период, од само за него познати причини, ги уништил. Инспириран од фигуративните женски портрети на Вилем де Кунинг, Лихтенштајн ги претвора стрип-јунаците во „сериозен“ ликовен жанр.
Тој беше сликар кој пронајде драстични методи за оддалечување од кубизмот и апстрактното сликарство со стилистички експерименти; пред сè со употреба на јаки црни контури и мотиви разложени на растери.
Студената дистанцираност од анализата на естетска привлечност на потрошувачката стока, која се сфаќа исклучиво преку материјалната вредност „проценета“ од етикетата со цена, се потпира на традицијата на Алан Капров, Клас Олденбург и Џорџ Сигал, и се развива паралелно со ликовните вредности на поп-уметниците од американскиот Западен брег. Заштитниот знак на Лихтенштајн е користење „растер“ (никогаш не насликани со слободна рака, туку настанати со користење различни техники).